За влакно избегнат колапс на Кредит Свис, македонските банки стабилни!

Банкротот на американската банка на Силиконската Долина (СВБ), што се случи минатата недела, предизвика домино ефект и страв и паника во банкарскиот систем не само во САД туку и во светот. Сега се стравува дека овој домино ефект би можел да се прелее на  Европска почва. Станува збор за познатата швајцарска банка Кредит Свис, така барем тврди финансискиот експерт Роберт Кијосаки од Волстрит. Кредит Свис вчера обезбеди заем од 50 милијарди франци за да се избегне нова банкарска криза во Европа. Случувањата будно се следат во Народната банка, од каде што информираат дека македонскиот банкарски систем е стабилен, билансите на нашите банки се исклучително солидни, високо капитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио

2429
EPA-EFE/ENNIO LEANZA

Банкротот на американската банка на Силиконската Долина (СВБ), што се случи минатата недела, предизвика домино ефект и страв и паника во банкарскиот систем не само во САД туку и во светот. Американските регулатори ја затворија Банката на Силиконската Долина и ѝ ги конфискуваа сите депозити, што е најголемиот колапс на банка во САД од финансиската криза во 2008 година. Таа даваше банкарски услуги главно на стартап бизниси и капиталисти од Силиконската Долина, односно технолошката елита.

Два дена по неа, регулаторите во сојузната држава Њујорк ја затворија и Сигнејчр банката, која стана наредна жртва во превирањата во американскиот банкарски сектор, а по неа и Силвергеит банката, и двете помалку познати по своите врски со светот на криптовалутите. Сега се стравува дека овој домино ефект би можел да се прелее на европска почва. Станува збор за познатата швајцарска банка Кредит Свис, така барем тврди финансискиот експерт Роберт Кијосаки од Волстрит.

Јапонскиот експерт е познат во јавноста по тоа што го предвиде колапсот на американската банка Лехман Бротхерс во 2008 година. Тој го даде своето последно предвидување само неколку часа пред швајцарската банка да признае дека има „финансиски тешкотии“.

– Актуелните проблеми и неуспехот на пазарот на обврзници укажуваат на можен колапс на Кредит Свис, бидејќи имавме слична ситуација со Лехман Бротхерс. Регулаторите на Кредит Свис забележаа финансиски проблеми при внатрешната контрола на финансиските извештаи, но сметаат дека новонастанатата ситуација нема да предизвика клиентите да ја напуштат банката – рече Кијосаки.

Според него, акциите на банката паднале за пет отсто во почетокот на тргувањето, откако банката ги објавила годишните финансиски извештаи во кои открила загуба од осум милијарди долари во 2022 година. Кредит Свис е осмиот најголем систем на инвестициско банкарство во светот, а за „слабостите“ во извештајот го обвини „неуспехот да се следи и одржува ефективна промена во проценката на ризикот за да се идентификуваат и анализираат ризиците од материјално значење“.

За својата ликвидност Кредит Свис позајми 50 милијарди франци од швајцарската Централна банка. Акциите на банката вчера паднаа за 24 отсто, откако соопшти дека нашла „слабост“ во своето финансиско известување.

– Тоа предизвика општа распродажба на европските пазари и страв од поголема финансиска криза – наведува Би-би-си.

Шефот на саудиската национална банка, која е најголем акционер на Кредит Свис, Амар ел Кудаири, изјави дека паниката и падот на акциите на банката се неоправдани.

– Ако погледнете како падна целиот банкарски сектор, за жал се чини дека Кредит Свис беше само изговор за многу луѓе. Тоа е паника, мала паника – додаде тој и нагласи дека со Кредит свис не се разговарало за давање помош.

Коментирајќи ги неодамнешните последици од колапсот на банката во Силиконската Долина, за која рече дека се разликува од финансиската криза во 2008 година, рече дека чекорите преземени од американските регулатори за заштита на штедачите ги спречиле понатамошните стравови.

– Имавме неуспех минатата недела, но не е ни блиску, нема врска со она што го видовме во 2008 година. Ова е само еден изолиран инцидент, регулаторите отфрлија каква било можност за прелевање – рече тој. Веста дека Кредит Свис, една од најголемите европски банки, успеала да обезбеди заем од 50 милијарди франци од Швајцарската национална банка, ги стабилизираше европските финансиски пазари, засега смирувајќи ги стравовите од избивање на европска банкарска криза.

Македонскиот банкарски систем е стабилен

Сето тоа што се случи во американскиот банкарски систем и е евентуална закана за европските, внимателно се следат од Народната банка на Македонија. Оттаму посочија дека македонскиот банкарски систем е стабилен, билансите на нашите банки се исклучително солидни, високо капитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио. Од централната банка велат дека само 6,6 отсто од вкупните обврските на македонскиот банкарски систем се кон странство, а само 5 отсто од побарувањата се од странство.

– Важно е што нашиот банкарски систем има традиционален деловен модел, што е многу поразлично од деловниот модел на американската банка. Една од клучните причини за нејзиното пропаѓање, се заснова врз висока концентрација и на депозитната база, но и на вложувањата во хартии од вредност (учество од 60 отсто во вкупната актива на СВБ). Нашиот банкарски систем има диверзифицирана и стабилна структура на финансирање во која депозитите учествуваат со 84 отсто во вкупните обврски, а притоа две третини од депозитите се на населението. Овие средства главно се пласираат во кредити на нефинансиските лица коишто учествуваат со 60 отсто во вкупните средства на банките и кои имаат висок квалитет. Од друга страна, учеството на вложувањата на банките во хартии од вредност што се издадени од нерезиденти е минимално и на ниво на банкарскиот систем е под 1 отсто – соопштија од Централната банка.

Од Народна банка истакнуваат дека билансите на нашите банки се исклучително солидни, со високо ниво на капитал (највисоко ниво во последната декада), соодветна ликвидност и одличен квалитет на кредитното портфолио. На крајот на 2022 година Комерцијална банка имаше актива од 2,46 милијарди евра, Стопанска банка-Скопје со 2 милијарди, НЛБ банка – 1,83 милијарди евра, Шпаркасе банка – 1,416 милијарди евра, а Халк банка с- 1,365, Прокредит со 683 милиони евра, УНИ банка со 421 и Развојната банка со актива од 262 милиони евра. Стопанска банка Битола минатата година ја заврши со актива од 190 милиони евра, ЦКБ со 182 милиони евра, ТТК со 142 милиони, Силк Роуд со 134 и Капитал банка со 42 милиони евра. Сите 13 банки минатата година ја завршиле со вкупна добивка од 157,3 милиони евра, што е раст за 5,7 проценти во однос на претходната 2021 година.

Инаку, не е непознат и во Македонија банкрот на банки. Во децениите наназад пропаднаа 11 домашни банки и штедилници, како Алмако банка, во која пропаднаа 25 милиони евра државни средства и Радо банка, во која останаа заглавени 20 милиони евра од тајванските кредити и заштеди од 5 милиони евра. Банкротираа и Македонска банка, потоа Експорт-импорт банка во која изгореа педесетина милиони евра, како и Кариќ банката што работеше во Македонија. Последна во низата е Еуростандард банка, која ја следат контроверзии, штедачки протести и обвинувања и чиј имот во моментов е на продажба.

(С.Бл.)