„Зад стоговите сено” – филм кој почна да се снима во грчко-македонска соработка

137

Грчко-македонско-германската копродукција „Зад стоговите сено” во режија на Асимина Проедроу започна да се снима на локации во Грција, соопшти Агенцијата за филм.

Овој филмски проект е поддржан од Грчкиот филмски центар, македонската Агенција за филм, а финансиска поддршка доби и од Еуроимаж (Европски фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела).

„Оваа соработка е од суштинска важност, поради испреплетувањето на ресурсите помеѓу двете земји во доменот на филмската продукција. За првпат имаме проект кој се снима од двете земји. Се надевам дека оваа соработка помеѓу соседите ќе се продлабочи и развива и во иднина вклучувајќи ги сите останати сегменти од културното творење”, посочува Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Инаку, снимањето на филмот започнало во Грција на 13 јануари годинава, а треба да продолжи во Македонија во периодот помеѓу 22 и 28 февруари, на локации во Дојран и Гевгелија. Дејствието на филмот се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата.

Македонскиот продуцент на овој филмски проект е „Сектор Филм“ од Скопје кој веќе започна со работа на подготовките, поточно во моментов се дефинираат точните локации и кастингот. Главен продуцент е продуцентската куќа Argonauts Production, а покрај „Сектор Филм“ копродуцент е и „Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR“ од Германија.