Американската кошаркарка Бритни Гринер, излезе од руски затвор и се врати во својата родна земја каде што повторно активно игра во ВНБА-лигата. Таа повторно го облече дресот на Феникс Меркјури и ја започна својата десетта сезона во најсилната лига на светот. Уште на првиот меч покажа дека не заборавила да игра кошарка и беше меѓу најефикасните со 18 поени, шест скокови, четири блокади и две асистенции.

Гринер беше уапсена на еден од московските аеродроми поради поседување на марихуана, а рускиот суд ѝ изрече двегодишна затворска казна. Сепак, по долги преговори меѓу двете земји, таа беше ослободена како дел од размена на затвореници. Бритни Гринер се врати дома, а во Русија беше пренесен затвореникот Виктор Бут кој беше осуден за трговија со оружје.

„После сè што се случи, можам да кажам дека ова е многу важен момент за мене. Бев во кафез за луѓе, таму условите се ужасни, не можев ни да седам ни да стојам како што треба. Се надевам дека до „Ол-Стар“ паузата ќе се вратам во мојата најдобра физичка кондиција. Животот ми даде една огромна лекција, сега сосема поинаку гледам на работите и знам дека ништо не е загарантирано, затоа животот и слободата сега ги ценам многу повеќе“, изјави американската кошаркарка.

Бритни Гринер (32) беше избрана како прв „пик“ на драфтот во 2013 година, а само една година подоцна се закити со шампионскиот прстен во ВНБА-лигата. Таа е осумкратен учесник на „Ол-Стар“ натпреварот и двапати беше најдобар стрелец во првенството. Беше уапсена во февруари 2022 година, а на слобода излезе десет месеци подоцна.