Една од најзначајните лекции кои треба да ги научиме е како да се однесуваме кон животните промени и неизвесности. Повеќето луѓе не ги сакаат или не се навикнати на промените, поради што посакуваат сé да остане исто, како во семејството, така и на работното место итн. Тие предност им даваат на предвидливите ситуации, фокусирајќи се кон лицата и околностите врз кои можат да влијаат и да ги држат под контрола. Во суштина луѓето не сакаат нагли промени на некои воспоставени навики и состојби, бидејќи не се оспособени да се справуваат со разни егзистенцијални пресврти. Посакуваат да опстојуваат на сигурно тло, избегнувајќи ги животните бури и неизвесности.

Промените и проблемите се тесно поврзани. Тие се вечни и никогаш не умираат. Сé додека постојат светот и човекот ќе мора да се соочуваат со голем број проблеми и промени. Секој проблем бара соодветно разрешување и отвора можност за промени, но не и сите промени предизвикуваат проблеми. Многумина со страв гледаат кон новите околности на животот. Сметаат дека ако иницираат одредени промени на поле љубов, работа, финансии, животни навики или односи може да влезат во големи проблеми.

Ризици секогаш постојат, посебно кога неразумно се впуштаме во некои опасни ситуации. Неморалното и неодговорно постапување широко ги отвораат портите за влез на проблемите. Ако не сакаме самите на себеси да си создадеме тешкотии, неопходно е да размислуваме за последиците од своето однесување. Но, доколку подолг временски период опстојуваме во проблематични односи или состојби, без да имаме сила и храброст да иницираме промени, тогаш неизбежно ќе се уназадуваме и несреќно ќе се чувствуваме. Значи потребна е акција и преземање на одговорност за својот живот. Никој од надвор не може да дојде и да ни ги реши проблемите. Ние сме тие кои треба да иницираме промени и да создадеме поубави услови на постоењето.

Прво што треба да направиме е да разбереме зошто промените се случуваат и како да ги искористиме за својот личен развој. Човекот учи низ промените, го јакне духот и се себеосознава, така што духовно напредува ако позитивно гледа на промените. Клучно е да препознаеме која е целта и смислата на промените и дали можат афирмативно да се искористат. Најголем проблем во врска со промените се стекнатите навики дека треба да се трпи, да се поднесуваат ударите и да се издржи тогаш кога ни е најтешко. Со таков стоички пристап (поднесување на судбината) нужно итаме кон стагнација, просечност и страв од иднина. Многумина се ориентирани кон задржување на статус кво (моментална) ситуацијата и ретко се обидуваат да тргнат кон нешто ново и возбудливо во животот.

Законот на промената гласи: Случувањата се повторуваат сé додека не ги научиме лекциите кои ни се потребни за да го промениме и подобриме својот животен пат. Тоа подразбива дека среќата бара храброст, активност и решителна борба против ударите на судбината. Прифаќањето на судбината треба да биде крајна опција, посебно откако сме ги исцрпиле сите можности за подобрување на некои животни околности. Нештата кои не можеш да ги промениш – прифати ги (минатото), а нештата врз кои можеш да влијаеш – создади ги (мигот на сегашноста).

Не постои човек кој во одреден период од животот не поминал низ состојба на тага, искушенија, губитоци, фрустрации или неуспеси. Таквите околности се мошне  вознемирувачки и истоштувачки, така што може да се наречат болен крик на душата. Секој човечки живот содржи светлина и темнина; среќа и тага; радост и фрустрација; духовна хармонија и внатрешна апатија. Како ќе се носиме со искушенијата и поставиме кон неубавите животни ситуации кажува многу за карактерот, силата и нивото на свест на нашата личност. Многумина мислат дека цел на животот е да ги решат своите проблеми и да бидат среќни. Но среќата е минлива сензација, а од проблемите никогаш не можеме целосно да побегнеме. Како што убавината на природата вклучува земјотреси, оркани, суши и поплави, така и духовниот развој на личноста вклучува емоционална потресеност, период на внатрешна борба и дисхармонија. Мора да допуштиме да ни се случи болниот крик на душата – тој е повик за духовно будење и за воведување коренити промени во своето живеење.

Одредени поединци премногу се ориентирани кон умот и телото и недоволно се грижат за состојбата на својата душа. Високото его и ниските страсти се најголемите непријатели на внатрешниот мир и хармонија. Решението е да се доживееме на нов начин и да почнеме многу повеќе да се фокусираме кон нештата кои придонесуваат за спокојството во душата. Според Нил Доналд Волш: „Преку 95% од луѓето трошат 95% од времето на неважни нешта, а кои немаат врска со вистинската смисла на нашето постоење“. Тој порачува да имаме храброст и волја да ги согледаме нештата од нов агол и себеси да се доживееме на афирмативен начин.

Во Светите книги е запишано дека душата е скапоценост во која се наоѓа вистинската цел на самиот живот. Човековата задача е од духовна, а не од физичка природа. Благородноста на постоењето се постигнува кога служејќи се со умот и телото, живееме поради исполнување на мисијата на душата. Треба да се ослободиме од менталниот кафез во кој се наоѓаме и своето битие да го насочиме кон повисоките аспекти на постоењето. Подложноста на потрошувачкото општество, зависноста од предметите и стремежот кон материјализмот целосно нè оддалечуваат од вистинските вредности. Нил Доналд Волш тоа прекрасно го објасни: „Не сме тука со цел да најдеме дечко или девојка, да купиме автомобил, да најдеме работа, да купиме куќа, да најдеме брачен партнер, да добиеме деца, да најдеме подобра работа, подобар партнер, да купиме подобра куќа,подобар автомобил, да најдеме подобар партнер, подобар партнер итн. На крајот кога ќе отидеме во пензија може да добиеме добар апарат или можеби рачен часовник, косата ќе ни побели и тогаш си одиме затоа што сме готови. Играта заврши! Дали сме тука поради сето тоа? Не! Тука сме поради многу поважни нешта. Смислата на животот не е во предметите кои ги стекнуваме, туку во мирот во душата што го постигнуваме. Работата, семејството, успехот се само методи со кои ја остваруваме задачата на својата душа“.

Животот треба да го набљудуваме низ состојбата на душата, а не низ аспектите на умот и телото. Кога сме водени од крутиот разум, тогаш од сé стравуваме, а кога сме под владение на телесните страсти, тогаш неизбежно страдаме. Духовната надградба е основна за убаво да се чувствуваме и мудро да постапуваме во периодот на разните кризи, промени и искушенија.

Првиот чекор е да го промениме своето однесување кога ќе настапи промената и да не проектираме негативни сценарија. Кога им се случуваат некои проблематични промени во животот, многумина се повлекуваат во себе, дури се отуѓуваат и од сопственото семејство. Таквите поединци треба да ја променат навиката на осамување и да осознаат зошто промената се случува. Честопати кризните ситуации нудат можност за длабоко проникнување во самите себеси и во смислата на постоењето. Прекинот на врската (бракот) не значи и уништување на љубовта; губењето на работното место не значи и намалување на креативноста; појавата на здравствен проблем не значи и победа на болеста. Сите овие аспекти може да го очеличат нашиот дух и подготват за нова поубава страница на животот.

(продолжува)

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)