ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Пријатни мигови

242

Најголема мудрост на животот е да ја пронајдеме смислата во мигот на сегашноста.
Фокусот секогаш треба да го ставаме кон мигот на сегашноста, зашто тоа што некогаш се случило, повеќе не е присутно во нашиот живот и колку побрзо ја сфатиме таа околност, толку подобро ќе биде за нас.

Мудрост е кога осознаваме дека во животот не може сé да биде како што посакуваме, така што понекогаш мора да чекаме подобра шанса за да ги промениме нештата во кои се наоѓаме. Трпеливоста, одговорноста, самодовербата и позитивниот пристап се суштинските вредности кои гарантираат излез од кризните ситуации и реализација на целите.

Оптимизмот и вербата создаваат чуда, но само доколку ги исчистиме емоциите од негативните сеќавања, а умот го насочиме кон афирмативните методи на размислување и постапување. Со демеморирање на емоциите од лошите настани, ќе успееме да ја ослободиме креативната енергија, зголемувајќи ги шансите за позитивно напредување. Тоа ќе го постигнеме доколку престанеме да живееме со уверување дека животот ни е безвреден, како и со негативните вибрации произлезени од лутината, стравот, срамот, сомнежот во себе и чувството на вина.

Поединецот кој претрпел силен стрес, траума и доживеал голем психички немир, не треба да стравува дека тие искуства вечно ќе останат во неговата потсвест и ќе го оддалечат од пријатните мигови на животот. Сé може да биде санирано и стабилизирано, само треба инвестирање во личниот развој, подигнување на свеста и поттик кон позитивните вредности. За моќта на афирмативното размислување пишувал и американскиот филозоф Вилијам Џејмс, тој сметал дека “најголемото откритие е во сознанието дека луѓето можат да го променат својот живот, менувајќи ја својата свест”.

Тоа ќе го постигнеме доколку престанеме да се поистоветуваме и врзуваме за неубавите настани, зашто на тој начин повторно ги оживуваме и актуелизираме тие искуства. Главната суштина е да го бараме тоа што е пријатно, позитивно и удобно за духовниот развој на нашата личност. Кога се определуваме мислата, зборот и делото да ни бидат позитивни, тогаш ги будиме своите потенцијали и ја отвораме можноста убавите и вредни нешта да пристигнат во нашиот живот.

Тома Аквински има кажано: “Сето она што е примено, е примено во согласност со карактерната природа на примачот”.

Тоа значи, дека нештата најчесто се такви, какви што ние со сетилата и умот ги восприемаме или доживуваме.
Имено, пријатно може да се чувствуваме кога шетаме во природа, посетуваме културна манифестација, слушаме омилена музика, читаме интересна книга или кога уживаме во нежната прегратка со саканото лице. Кога акцентот го ставаме врз пријатноста, удобноста и позитивноста, тогаш нема да има место за неубавите ситуации и за лицата кои со своето негативно однесување не вознемируваат и ни наштетуваат. Од друга страна, постојаното размислување за поединците кои емоционално не повредиле, ќе предизвика да живееме со аурата на разочарувањето, незадоволството, меланхолијата и фрустрацијата. Тајната на промената е да ја насочиме целата своја енергија на создавање нешто добро, а не постојано да се штитиме и бориме со лошото.

Добрите нешта почнуваат да се случуваат кога ќе се оддалечиме од негативците и ќе престанеме себеси да се доживуваме како жртва на судбината и на влијанието на другите луѓе.

Во тој контекст, ќе ги наведеме и размислите на мексиканскиот автор Дон Мигуел Руис: “Можете да го програмирате натсвесниот разум со ореолот на жртва и животот ќе ви биде жртва. Можете да се откажете да го програмирате натсвесниот разум, па тогаш наместо вас други ќе го програмираат. Ќе ви го определуваат животот, кој не е ваш сопствен, туку повеќе е живот на кукла, влечена со конците”.

За да се спасиме од ореолот на жртва, неопходно е да донесеме одлука – храбро, достоинствено и самостојно да одлучуваме за својата судбина; повеќе да се себепочитуваме и да не дозволиме во нашиот живот да се инволвираат негативни, неморални и себични лица. Патот кон себехармонизацијата почнува откога ќе престанеме да им дозволуваме на другите да раководат со нашата личност. Никој не е доволно вреден за да му овозможиме постојано да го контролира, доминира и притиска нашиот живот.

Спасот од лошите поединци и ситуации ќе го пронајдеме доколку знаеме во што треба да веруваме, што треба да сакаме и што треба да направиме за да го реализираме тоа што го сакаме и се оддалечиме од тоа што не го сакаме. Корисно е доколку животот го креираме следејќи ја поуката на Климент Охридски: “Тргај се од злото и итај кон доброто”.

Реално гледано, негативните нешта се насекаде околу нас, но доколку се фокусираме на неубавото, ние нужно и ќе го привлечеме неубавото. Наместо да се окупираме со негативното, многу подобро е да станеме свесни за тоа што го бараме. Затоа, секој треба да се запраша самиот себеси: Што сакам да ми се случи во животот и како да дојдам до тоа што го сакам? Законот на привлечноста работи врз принципот: Биди свесен што бараш, зашто тоа и ќе добиеш.

Треба да знаеме дека најголем непријател на среќниот живот е недостатокот на љубов кон самите себе и недовербата во тоа што го поседуваме и работиме.

Кога веруваме во сопствените вредности, тогаш многу полесно го остваруваме тоа што го сакаме. Клучот на успехот се крие во прифаќањето на самите себе, како и во сознанието дека не треба да очекуваме секогаш и во се да бидеме совршени. Понекогаш не треба да ги силуваме нештата, посебно откога ќе увидиме дека некои односи и активности не се развиваат како што посакуваме.

Главна цел е да работиме на постигнување на внатрешниот мир и чувството на пријатност, зашто тие не доаѓаат однадвор, туку секогаш се плод на сопствената посветеност на повисоките вредности на животот. Според, Карл Густав Јунг: “Ние не сме она што ни се случува, туку она што самите сме одлучиле да бидеме”. Ако одлучиме да станеме слаби, малодушни, несигурни и несреќни, такви и ќе бидеме, бидејќи ќе привлекуваме лица и ситуации кои ќе ни го потврдат тоа што го чувствуваме за самите себе.

Се што остваруваме во животот е во корелација со интензитетот на нашата верба, бидејќи колку веруваме, толку постигнуваме. Ако имаме негативен пристап и умот ни е заситен од неубави нешта, многу потешко ќе го оствариме тоа што го сакаме.

Излез од внатрешниот немир и песимистичките размисли ќе пронајдеме откако ќе го смириме својот ум и наместо да се окупираме со минатото, ќе почнеме да му се препуштаме на мигот на сегашноста, размислувајќи за перспективите на иднината. За да не ја уништиме сегашноста, неопходно е да склучиме мир со минатото, оставајќи ги позади себе луѓето, ситуациите и периодите кои придонеле да се чувствувавме тажни, разочарани и неисполнети.
Кога ќе престанеме да мислиме на неубавото, нужно ослободуваме простор да пристигне убавото.

Напредокот и убавото ќе пристигнат доколку ја имаме на ум мудрата мисла искажана од големиот исламски поет и филозоф Џелалудин Руми: “Продолжи да се движиш, дури и ако пред тебе нема пат. Не ги одмерувај далечините. Светот не се менува пред нашите очи, туку зад нашиот грб. Кога ќе се оддалечиш неколку чекори, сврти се и погледај зад себе. Повеќе ништо нема да биде исто, и тоа е добро”.

Поуката е дека сето лошо и неубаво постепено ќе исчезне, но единствено нешто кое не смее да исчезне е нашата волја за живот и за позитивно менување на состојбата во која се наоѓаме.

Пасивноста предизвикува умртвување, а активноста создава движење. Клучот на успехот е постојано да се движиме напред и да не го задржуваме тоа што заминува, туку со оптимизам и ведрина да го пречекаме тоа што пристигнува.
Да се препознае позитивната цел, да се пронајде смислата и да се создаде вредноста е знак дека среќата тропа на нашите порти, наше е да и отвориме и да ја пречекаме со голема радост и подготвеност да ги вкусиме задоволствата и пријатните мигови на животот.