ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Позитивен став

369

Колку повеќе работиме на хармонизирање на својата личност толку помалку немирот, неуспехот и незадоволството ќе бидат присутни во нашето живеење. Основната цел е да бидеме во мир со себе и да ја пронајдеме смислата на сопственото постоење. Тоа ќе го постигнеме ако се ослободиме од чувството на вина и го неутрализираме влијанието на трауматичните искуства и негативните животни ситуации. Стравот од перспективите на иднината, отпорот да ги прифатиме случувањата од минатото и емоционалната преоптовареност во мигот на сегашноста, се само дел од менталните матрици на размислување што го дисхармонизираат нашиот пат кон мирот и успехот.

Во животот е клучно да почнеме позитивно да се менуваме и да создаваме ново, посреќно и поуспешно јас. Вербата дека ќе биде подобро е основна за градење похармонична перспектива и за излез од негативните ситуации. Со промена на песимистичките уверувања и со користење афирмативни техники за самоисцелување, неминовно ги отвораме можностите за напредок и за хармонија во животот.

Не постои човек кој не си го поставил прашањето: Како да се справам со депресијата, стравот, незадоволството, неизвесноста и разните притисоци на животот?

Решение за наталожените проблеми не може да пронајдеме прекуноќ, но може да градиме принципи што ќе ни овозможат надминување на негативните матрици на однесување. Личните кризи и внатрешниот немир, во најголема мера, произлегуваат од акумулираниот гнев и од потсвесната агресивност. Тие се последица на погрешното сфаќање на самите себе, односно поврзани се со карактерот, емоционалната ранливост и со подложноста на негативните влијанија на околината. Чувството на помала вредност, неприфатеност и нереализираност длабоко го поткопува нашето самопочитување и прави да живееме со емоционален отров и со ниско ниво на самодоверба.

Ако ја навикнеме душата на болки и страдања и се определиме за пасивност, меланхолија и апатија, тогаш нема лесно да се извлечеме од кризата и да создадеме ново, посреќно јас.

Процесот на духовна трансформација започнува со детектирање на проблемите во кои се наоѓаме, препознавање и бранење на своите вредност и посебност и со насоченост кон сé што ја крепи и подига нашата личност. Без оглед на состојбата во која се наоѓаме, може да го промениме својот живот доколку започнеме да создаваме навики што се добри за умот, телото и за душата.

Животот е таков какви што се нашите мисли, зборови и дела. Себенадградбата, позитивниот дух, волјата и оптимизмот се основни за создавање ново јас и за реализирање на потенцијалите. Подготвеноста да се вложува во личниот развој, менталната отвореност, воздигнувањето на сопствените вредности и емоционалната интелигенција се клучот на успехот, мирот и на хармонијата.

Борбеноста и решеноста да се фатиме во костец со искушенијата секогаш отвораат предуслови нашите активности да бидат оплодени со позитивни резултати. Тоа подразбира да почнеме да акумулираме корисни знаења, да го јакнеме сопствениот дух, да ги препознаеме позитивните вибрации и да примаме афирмативни информации, кои ќе ни помогнат да напредуваме и да ја градиме структурата на својата личност.

Постојат четири фактори што се исклучително битни за постигнување себехармонизација и напредок во животот.

Првата категорија е поврзана со силната верба.

Тоа подразбира да имаме позитивен став, да се надеваме и да очекуваме дека ќе биде подобро. Основата на вербата е во менталното проектирање на следните промисли: ќе биде добро; ќе се сплотам со блиските; ќе пронајдам решение за проблемот; ќе се отворам за позитивните можности; ќе успеам во намерата; ќе доживеам позитивен напредок итн.

Втора клучна категорија е да бидеме храбри, упорни и решителни во бранењето на сопствените права и вредности.

Невозможно е да постигнеме нешто значајно во животот ако постојано стравуваме од перспективите на иднината; не веруваме во сопствените потенцијали; не излегуваме од стегите што лично си ги наметнуваме; не се дистанцираме од негативните влијанија на надворешната средина; постојано се осамуваме и отуѓуваме од другите луѓе. Излезот од таквите дисхармонични ситуации е да иницираме храброст и да се отвориме за визијата, самодовербата, оптимизмот и за позитивната енергија.

Треба да бидеме храбри, решителни и настојчиви бидејќи суштината на животот не е во избегнувањето на падовите, туку во стремежот да учиме од грешките – тие го јакнат духот и го трасираат патот што води кон победи.

Исчекувањето сé да биде идеално за да може целосно да љубиме, да се радуваме, да уживаме, да напредуваме е сигурен пат кон пораз, осаменост и отуѓување. Сé може да биде корисна поука и значајна животна лекција. Дури и љубовното разочарување може да биде корисна животна лекција, зашто ќе нé научи да бидеме повнимателни и да избегнуваме љубовни врски со лица што не ги заслужуваат нашите емоции. Неуспехот и разочарувањето може да создадат силна мотивација и непоколеблива волја со секој нареден обид да се приближуваме до зацртаната цел во животот. И како што реката го крши каменот, не поради својата сила, туку поради упорноста, така и човекот не успева секогаш поради талентот, туку поради својата определба никогаш да не се откажува и секогаш трпеливо, упорно и решително да се искачува кон она што го привлекува.

Покрај вербата и храброста, трет клучен фактор е ентузијазмот.

Основата на ентузијазмот се наоѓа во оптимизмот, волјата и решеноста да се практикуваат следните афирмации: ќе успеам; ќе се извлечам од осаменоста и отуѓеноста; ќе се дистанцирам од негативното и ќе уживам во патувањето кон целта. Според Иан Симон: „Кога се стремиш кон некоја цел, не запирај кога ќе ја поминеш линијата. Наместо тоа, постави си нова цел, нова линија што ќе ти ја замени онаа преку која веќе си поминал”. Тоа значи дека ентузијазмот и иницијативноста се клучни за остварување на целите, особено ако се надополнети со уверувањето дека „не успеал само оној што не се обидел”.

Четврта клучна категорија, која е исклучително значајна и кон која треба да се стремат сите луѓе, е поврзана со внатрешниот мир.

Како што пишувал индискиот мудрец Јогананда: „Да поседуваш материјални добра без внатрешен мир, е како да умираш од жед додека се капеш во езеро”. Колку материјални добра, статус и моќ да имаме, ако немаме внатрешен мир, тогаш ништо не сме постигнале. Мерило за среќен и исполнет живот е колку сме задоволни од самите себе и дали внатрешниот мир е дел од нашето живеење. За да бидеме во мир со самите себе, неопходно е да воспоставиме емоционална, ментална и духовна хармонизираност. Сите нивоа се меѓусебно поврзани, а состојбата на болест во телото најчесто е одраз на внатрешни конфликти, потиснати емоции, незадоволства и стравови.

Таму каде што постои страв, вознемиреност, очекување дека ќе следува најлошото, жалење по минатото, чувство на вина во сегашноста и акумулиран бес поради насобраните неправди и удари на судбината, не може да се зборува за внатрешен мир и за исцелување на душата.

Главните ограничувања на психофизички план произлегуваат од самоформираните блокади засновани на страв, незнаење и отпор за позитивна промена на сопственото јас. Нашите тела се само физички израз на нашата свест. Телото постојано се менува, се освежува, се доградува во секој момент и не може да работи поинаку, освен според упатствата што му ги дава умот. Со промена на негативните концепти на себедоживување и со дистанцирање од нештата што ја деградираат и дисхармонизираат нашата личност, нужно го менуваме и подобруваме своето битие. Тоа ќе овозможи здравјето, енергијата, среќата и виталноста да станат доминантен дел од нашето постоење и духовен патоказ за мир во душата и напредок во животот.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)