Жена оперирана од рак, сместена во државен карантин бара помош од Филипче

 45-годишната стружанка се вратила со хуманитарен лет од Љубљана каде што  била на операција.Во Редакцијата на весникот ВЕЧЕР се јави сопругот на 45-годишна жена, која во моментов е сместена во 14-деневна изолација, а која што заради нејзината здравствена состојба е изложена на многу ризици, особено да  биде во контакт со лице кое што можеби има ковид-19.  Таа вели дека во собата нема греење, затоа седела со винтијагна и  покриена со ќебе и пак не можела да се стопли. Собата била многу мала, а  ја делела со  друга жена која што не ја познавала и со која не можела да се размине, а камоли да биде на минимално растојание од два метра.

1099

Во ладни соби без греење во хотел во Маврово се сместени нашите сограѓани кои што пристигнаа во саботата од Љубљана со хуманитарен лет и сега се во државен карантин. Во Редакцијата на  весникот ВЕЧЕР се јави сопругот на 45-годишна жена која што во моментов е сместена во 14-деневна изолација, а која заради нејзината здравствена состојба е изложена на многу ризици, особено да биде во контакт со лице кое што можеби има ковид-19.

-Сопругата  замина за Словенија , бидејќи на 1 март годинава  во Љубљана и беше извршена хируршка интервенција заради онколошко заболување. По оперативниот зафат беше следена од медицинскиот тим и кога веќе можеше да се врати во Струга, се затворија аеродромите и таа остана сама и болна во туѓа земја – раскажува видно вознемирен нејзиниот сопруг, за  весникот ВЕЧЕР.

Според него за помош се обратиле до Македонската амбасада во Словенија, бидејќи болеста не дозволувала да остане подолго без терапија. Ги информирале и нашите служби во Министерството за надворешни работи кога аплицирале за место во авионот што требал да го реализира  хуманитарниот лет, дека се работи за лице, сериозно болна жена која треба да пристигне со најавениот лет.

-Во таква лоша здравствена состојба  останала цел ден без вода и храна, како и сите останати патници – вели нејзиниот сопруг и дополнува дека нејзината голгота не завршува тука бидејќи пред хотелот чекале со часови за да бидат прегледани, а потоа да можат да влезат во просториите – вели сопругот.

По влегувањето во хотелот таа била  сместена со уште една жена  која не ја познавала, во мала соба, во која не можат ниту да се разминат. Креветите исто така им биле близу, а не како што е потребно до 2 метри растојание.

-Замислете во каква состојба е човек кој има рак  и не е заразен од коронавирус да спие и престојува 14 дена со непознато лице кое може веќе е заболено. Тоа значи дека и мојата сопруга е изложена на голем ризик со вакво кревко здравје- вели сопругот.

Тој преку нашиот весник го замолува министерот за здравство Венко Филипче  да направи исклучок и да  дозволат неговата  сопруга да си дојде дома. Тие веќе  обезбедиле изолиран простор, каде нема да има комуникација со никој, но ако затреба  да има лекарски надзор и потребна терапија.

-Толку е ладно во собата, нема греење седам со винтијагна и  покриена со ќебе и пак  не можам да се стоплам – му се пожалила  неговата  сопруга.

Ова е само едно искуството на патничка која поминала низ голгота при патувањето до родната земја.

Министерот за здравство Венко  Филипче појасни дека  патниците кои што се жалат на транспортот до карантинот, најверојатно е недоразбирање, бидејќи  досега  немале вакво искуство. Според него сепак  ситуацијата можело да се менаџира на лице место.

Тој вети дека тоа нема да се повтори и тоа беше веднаш исправено при пречекот на  нашите сограѓани кои пристигнаа од Берлин. Автобусите за транспорт биле детално дезинфицирани, а во нив имало  закуска и вода, додека возачите биле со целосна безбедносна опрема.

-Го штитиме колективното здравје и здравјето на секој граѓанин – напиша министерот на својот ФБ-профил и дополни дека се работи за наши граѓани кои се враќааат во својата земја од различни страни на светот и во вакви моменти секој се чуствува најбезбедно дома, меѓу своите најблиски.

Според него овој модел мораме да го поддржиме, за доброто на сите.

-Им благодариме на сите колеги по институциите кои деноноќно и посветено работат на безбедно враќање на нашите граѓани дома – напиша министерот Филипче.

Според податоците од МВР досега во државен карантин во 19 објекти сместени се над 1.000 лица, а се очекува во земјава деновиве да се вратат уште околу  3.000 македонски државјани.

(В.Ма.)