Жената која го обвини Бајден за силување отпатува во Москва, сака да бара руско државјанство

264

Американката Тара Рид, која го обвини американскиот претседател Џозеф Бајден за сексуален напад, отпатува во Москва и бара руско државјанство.

Во интервју за една руска новинска агенција, таа изјави дека се чувствува безбедно во Русија и дека сака да остане таму.

Таа претходно го обвини американскиот претседател за сексуален напад, кој наводно се случил додека работела во неговиот конгресен кабинет во 1993 година.
Бајден остро ги отфрли обвинувањата.

„Тоа недвосмислено, никогаш, никогаш не се случило“, рече американскиот претседател.

Рид работеше како помошничка на Бајден кога тој ја претставуваше државата Делавер во Сенатот. Таа се најде на насловните страници во 2020 година, кога беше во тек неговата претседателска кампања, бидејќи тврдеше дека ја нападнал во ходникот на Капитол Хил кога имала 29 години.

Таа го обвини дека ја прицврстил за ѕид и ги ставил рацете под нејзината кошула и здолниште.

„Кога излегов од авионот во Москва, за прв пат по многу долго време се чувствував безбедно, се чувствував слушнато и почитувано“, ја цитира Гардијан изјавата на Рид во интервју за Спутник.

Таа рече дека ги напуштила САД откако републикански политичар ја предупредил дека е во физичка опасност.

„Би сакала да поднесам барање за државјанство во Русија кај претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин… Ветувам дека ќе бидам добар граѓанин“, рече Рид, додавајќи дека се надева дека ќе го задржи и своето американско државјанство.

Тара Рид беше една од неколкуте жени кои го обвинија Бајден за несоодветно допирање, гушкање или бакнување во 2019 и 2020 година. Таа тврди дека се жалела, иако не е пронајден запис за тоа и не е јасно дали нејзиното тврдење било формално истражено.

Портпаролот на претседателот Бајден рече дека верува оти жените „имаат право да бидат сослушани“, но дека наводниот инцидент „апсолутно не се случил“.