Тимот на Еурофарм Работник претрпе уште еден, вкупно петти пораз во групната фаза од Лигата на шампионите. „Фармацевтите“ загубија на гостувањето кај словачкиот тим Татран Прешов со 31:29.

Идентично како и на првиот меч со истиот противник во Битола, повторно се водеше израмнета битка, Работник имаше свои шанси да дојде до победата, но домаќините се одлепија пред самата завршница и на крајот заслужено стигнаа до победата. За Работник ова е прв пораз со два гола разлика, откако претходните неуспеси беа минимални, со само еден постигнат гол помалку од противниците.

Остроушко постигна седум гола, Јотиќ со пет гола беше втор стрелец на Работник, додека Ѓукиќ го заврши мечот со четири погодоци. Работник е последен во групата со скор од една победа и пет порази, а македонскиот тим во следното коло го очекува тешко гостување во Португалија против Спортинг.