Шпанија е една од најпогодените земји со коронавирусот. Како се живее во овие тешки денови, како Шпанците се справуваат со болеста, колку и што се смее и не смее, ексклузивно за весникот ВЕЧЕР, од Шпанија, за атмосферата и животот, раскажува проф. Д-р Ирина Чудоска-Блажевска, потпретседател на Институтот „9 Мај“, во Валенсија. -На улица е многу тивко и не само поради отсуство на сообраќај. Темпераментните, насмеани и гласни Шпанци ги нема. Малкутемина што можат да се видат по улиците се многу тивки, немаат ни можност за разговор поради тоа што сите го почитуваат протоколот за движење само по еден човек, двајца заедно не смеат да се движат. Постојаните полициски контроли кои легитимираат, бараат објаснување каде одиш и фискални сметки за купените производи кои се мотивот за твоето излегување од дома продолжуваат.  Со кола може да се движи само по едно лице, сопружници исто така не смеат да се возат заедно во кола.  Контроли има на секоја раскрсница и се проверува секое возило

 

„Се приближува крајот на третата недела на строг карантин. Химната на Валенсија, која најчесто се слушаше од балконите и прозорците во 20 часот, сега е заменета со ′Resistire′ хитот од 1988 година кој е шпанската верзија на ′I willsurvive′. За разлика од Глорија Гејнор, која го преживува љубовното разочарување, Дуо Динамико ја опеваат издржливоста на човекот, обраќајќи се на неговиот внатрешен капацитет кој доаѓа до израз тогаш кога му е најтешко. Како резултат на растот на популарност на оваа нумера пред два дена 20 најпознати музичари и 30 пејачи, од дома снимија нова нејзина верзија и спот, во кој секој пее по еден дел.

Така аплаузите од прозорците и балконите, кои веќе се влезени во навика, добија свежина како со новата нумера така и со нивните новите адресирања. Претежно посветени на медицинскиот персонал и на полицијата, аплаузите почнаа да бидат начин за изразување на благодарност на вработените во супермаркетите и охрабрување на најмладите, на послушните деца кои немаат никаков пристап надвор од домот. За нивното херојство и издржливост.

Во целото Кралство Шпанија има вкупно 10.935 починати и  117.710 заболени од ковид-19.Валенсија е една од седумнаесетте автономни области на кралството Шпанија и е составена од три провинции Аликанте, Кастејон и Валенција со популација од околу 5 милиони жители. Првиот случај на коронавирусот е регистриран на 27 февруари во градот Виљареал во Кастејон, репортер кој патувал во Милано за да го следи фудбалскиот натпревар на фудбалскиот клуб Валенсија КФ со Атланта.

Од тогаш до денес, 3 март 2020 година според податоците на Центарот за јавно здравје бројот на заболени лица од вирусот ковид-19 е 6.624 лица од кои во провинцијата Кастејон вкупниот број на заболени е 740, 2.445 во провинцијата Аликанте и 3.439 во провинцијата Валенсија. Од заболените 1.100 лица се медицински персонал.  До сега во автономната област Валенсија има 511 смртни случаи, од кои по провинции 50 се во Кастејон, 242 во Валенсија и 219 во Аликанте.

На 14 март 2020 година од страна на Шпанската влада беше објавена вонредна состојба на територијата на целата земја, во времетраење од 15 дена, според членот 116.2 од Уставот на Кралството Шпанија, според едниот од условите за прогласување на вонредна состојба при „санитарна криза, како епидемии и состојби на сериозна контаминација“ преку Кралскиот декрет 463/2020 објавен во „Службен весник“ бр.67 од 14 март 2020. Во почетокот на втората недела, карантинот беше продолжен за уште две недели до 9 април.

Со воведувањето на вонредна состојба, промената во првиот ден беше драстична и шокантна. Благата клима и раздвижениот медитеранскиот начин на живот кој овозможува поминување на голем дел од времето на отворено наеднаш исчезна, сликата комплетно се смени, сè замре, како паузирана камера, сè само не реалност. Посебно зачудувачко беше поведението на граѓаните. Шпанците, кои се многу лежерен и опуштен народ по својата природа, за исклучително кратко време секој, индивидуално, направи огромен напор преку пораки и видеата на социјалните мрежи да ја поттикнат солидарноста на општеството, апелирајќи на големото значење што го има секој поединец и како тој придонесува за заштита на лицата од третата доба, најранливата група за овој вирус. Ова посебно се однесува на Валенсијанците, поради тоа што почетокот на кризата со ковид-19 има се совпадна со големото тринеделно празнување „Фајас“, кое само по четврти пат во историјата на Валенсија се откажува, а нивното одлагање за месец јуни имаше големо влијание врз Валенција како психичко така и материјално. Во Кастејон исто така се откажа прославата на„ Гаиатас“.  Но врз Валесијанците, исто како и останатиот дел од Шпанија, само во рок од 24 часа акцијата за одговорност и солидарност имаше неспорен ефект. Мора да се истакне дека во текот на првата недела за да се почитуваат воведените мерки пресуден не беше стравот, напротив тука сите беа најмногу уплашени дека целата организација на празникот ќе пропадне. Водечко беше почитување на правото и на законите, но пред сè на социјалната одговорност. Постепено, веќе во втората недела стравот си ја зазеде високата позиција, но без да ја засени одговорноста.

На улица е многу тивко и не само поради отсуство на сообраќај. Темпераментните, насмеани, гласни Шпанци ги нема. Малкутемина што можат да се видат по улиците се многу тивки, немаат ни можност за разговор поради тоа што сите го почитуваат протоколот за движење само по еден човек, двајца заедно не смеат да се движат. Дури и кога се чека ред надвор пред супермаркет или аптека нема можност за разговор поради тоа што и на тротоарите се залепени ленти за оддалеченост од еден метар, а со маски тешко е и да се разбереш. Така единствената можност за дијалог е со продавачот на каса. Близината не, но културата останува и ретките минувачи, иако непознати, се отпоздравуваат при разминување, без збор од под маските, само со наклон на главата.

Од воведување на карантинот од дома може да се излегува само за набавка на намирници, шетање на домашен миленик, пазарење во аптека или купување на весник. Банките ги затворија сите филијали освен по една до две во целиот град  во кои надвор, пред влезот во банката се прави селекција дали услугата која ти е потребна е неопходна, доколку според протоколите не е, не може да се влезе.

Постојаните полициски контроли кои легитимираат, бараат објаснување каде одиш и фискални сметки за купените производи кои се мотивот за твоето излегување од дома продолжуваат.  Со кола може да се движи само по едно лице, сопружници исто така не смеат да се возат заедно во кола.  Контроли има на секоја раскрсница и се проверува секое возило. Сите приватни фирми се затворени и работниците треба да работат од дома.

Во текот на оваа недела се воведоа уште построги мерки за прекин на работа на градежните работници, целата државна и јавна администрација која не е поврзана со справување со вирусот. Во текот на изминатите две недели на државните службеници им беа издавани специјални картици кои го оправдуваат движењето низ градот, но тие престанаа да важат и им се издаваа нови дозволи согласно построгите мерки. Јавниот транспорт кој беше редуциран на една третина од вообичаеното, сега е на една четвртина и не се примаат кеш пари при наплата.

Сите едукативни јавни установи, градинки, училишта и универзитети исто така се затворени. Продолжување на образовниот процес од дома во целата провинција Валенсија започна една недела подоцна, отколку во остатокот од Шпанија, поради празниците кои требаше да бидат во тој период. Материјал за учење има многу и оние што имаат школски деца поминуваме по 8 часа со пишување на домашни задачи.  Децата можат да излезат од дома со родителот само во случај ако родителот е сам и нема на кога да ги остави додека ги купува неопходните работи, треба да одат за рака, не смее да трча, да вози велосипед или тротинет. Протоколите не се применуваат на родители со деца со аутизам.

Бројот на починати е многу голем од кои 84,6% се лица над 75/годишна возраст. Останува да се надеваме дека вонредната ситуација ќе даде позитивни резултати, а Шпанија ќе остане втора земја во светот после Јапонија, со просечен животен век од 82 години, раскажа за весникот ВЕЧЕР, професор  Ирина Чудоска-Блажевска, која живее и работи во Валенсија.

В. М.Божиновска