Пред неколку години, при еден од моите престои на Егејот, имав можност да го посетам малото гратче Литохоро, кое е сместено под падините на Олимп, од каде што се добива прекрасна панорама на морскиот брег. Некои од жителите на ова питорескно место веруваат дека токму оваа плажа е врзана за митската личност Сизиф. Имено, кога Сизиф со својата итроштина го измамил богот на темнината Танатос, кога повторно дошол во светот на светлината, радоста го натерала да трча по сребрениот песок на брегот или да скока во бистрата морска вода. Но, боговите од Олимп го забележале Сизиф како ужива во белиот свет, го фатиле и повторно го сместиле во темнината, а како казна му определиле да тркала голем камен и кога ќе дошол до врвот од ридот, каменот сам се струполувал удолу во рамнината. Денес работата на Сизиф, кој постојано се враќал по својот камен, се споменува како Сизифова работа, односно апсурдна работа. За два дена, и ова лето ќе заминам кон Егејот, се разбира нема веднаш да се вратам, ќе останам покрај Белото Море десетина дена. Оттука моето патување нема поврзаност со насловот на ова писание, туку „Веднаш се враќам“ е наслов на слика која потекнува од една изложба, поточно од изложбата на Кондовски, односно, според мое видување, на маестро Димитар Кондовски, која се случува во просториите на Националната  галерија „Даут-пашин амам“. Ја посетив изложбата, можам да речам дека делумно го познавам сликарството на Кондовски и немам намера, ниту сум кадарен во еден ваков текст да правам анализа или проценка на ликовното творештво на, како што реков, маестро Кондовски. Мое уверување и помисла на обичен посетител е дека станува збор за импресивна ликовна манифестација на која од секоја слика извира некаква митска ликовна магија втисната од рацете и духот на маестро Кондовски.

Коле Манев

Одејќи низ изложбениот простор, мојот интерес го насочив кон една помала слика која носи наслов „Веднаш се враќам“ и во која јас, со сета моја скромност, ја видов поетичната страна на личноста и авторот Кондовски. Сликата е со формат од некои 70Х50 сантиметри, изработена на штица од пијано на која се забележуваат траги и белези од поранешната употребна улога на штицата кога таа била дел од музичкиот инструмент и сигурен сум дека авторот Кондовски намерно ја оставил структурата и патината на штицата на која насликал три елементи: една стара ламба за осветлување, горниот дел од сликата, односно од штицата е затемнета и се добива впечаток дека темнината од тој дел од сликата од штицата е направена од чадот на ламбата кога горела таа. Под неа овална, мала туристичка икона, десно во сликата две ливчиња за пишување пораки прицврстени на штицата со шајче. На првото ливче пишува „Веднаш се враќам“, под пораката на ливчето е и потписот на оној што ја оставил пораката, односно на Д. Кондовски. За мене, тука почнува сликарската магија која се преобразува во митска ликовна приказна, а митовите не се забораваат, туку се прераскажуваат од една личност до   друга, од една генерација до следна. Кога стоев пред сликата, се прашував кому Кондовски му ја оставил пораката, зошто излегол, дали веднаш ќе се врати откако ќе купи кутија цигари, литар млеко или векна леб. Сликарството не трпи многу нарации, литературни раскажувања или нешто слично на тоа, но кога ги има, вистина е кај многу познати ликовни творци ги има и ѝ даваат поширока димензија на сликата, но во таков случај нарациите, ликовните приказни треба да бидат добро раскажани и, пред сè, добро насликани. Кај маестро Кондовски тие се маестрално ликовно изведени. Всушност, Димитар Кондовски немал од каде да се врати бидејќи никаде и никогаш не заминал од сликарскиот свет, неговиот ликовен опус   останува тука, стои цврсто на височините од современиот пиктурален Олимп, од каде што неговата митска ликовна ламба зрачи творечка убавина и светлина.

Коле МАНЕВ