Дутерте: Спорот со Кина за Јужнокинеското Море нема да влијае на добрите меѓусебни односи

17

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте денеска изјави дека спорот на неговата земја со Пекинг околу активностите во Јужнокинеското Море нема да влијае на „билатералните пријателски односи“, пренесува ДПА.

„Ние ќе продолжиме да ги решаваме прашањата за (гребенот Витсун) преку дипломатски канали и преку мирни средства“, се наведува во изјавата на Дутерте.

Секретарот за одбрана Делфин Лорензана минатата недела побара од Кина да ги повлече бродовите кои се закотвени кај гребенот Витсун од почетокот на март. Филипините велат дека гребенот се наоѓа во нивната ексклузивна економска зона, додека Кина вели дека во водите традиционално риболоват.

„Какви и да имаме разлики со Кина, тие нема да ги дефинират нашите билатерални односи и нема да бидат пречка за целокупната позитивна траекторија на нашите билатерални пријателски односи и за продлабочувањето на соработката за пандемиски одговор, вклучително и соработка со вакцини и за постпандемиско економско закрепнување“, рече Дутерте .

Тој, исто така, изрази благодарност до Кина за донацијата на еден милион вакцини против Ковид-19 во март. Филипините се потпираат на Кина и други земји за набавка на вакцини.

Кина смета дека речиси целото Јужнокинеско Море за нејзина територија и има изградено вештачки острови со воени способни објекти над гребени и карпи во оваа област.

Освен Филипините, и Виетнам, Малезија, Брунеи и Тајван исто така тврдат дека во нивни посед е областа, за која се верува дека е богата со морски и минерални ресурси.

Извор: МИА