-Со малите по обем овогодинешни истражувања, сепак откриваме скромни остатоци од градби од тој македонски период на егзистирање на Стибера, која својот подем го имала во 1 и 2 век од нашата ера. Сочувани се само во темели, затоа што врз нив подоцна биле подигани римските градби. Но, значењето од нивното откривање е тоа што на самиот терен се потврдува македонскиот хоризонт на градот – вели Душко Темелкоски, археолог од Заводот и музеј Прилеп

Археолошките истражувања на античкиот град Стибера кај прилепското село Чепигово, кој поради досегашните откритија, главно мермерни бисти и статуи, е познат како „македонска Помпеја“, покажаа дека тој, всушност, лежи врз остатоци на градби од времето на последните антички македонски кралеви.

– Годинава, самите ископувања се во мошне помал обем, затоа што фокусот е на подготовка на теренот за започнување на конзерваторски работи врз административната зграда на главниот градски плоштад – пазариште (агора), откриена минатата година, што претставува прво вакво откритие во Република Македонија. Во наредните неколку години, со реализација на конзерваторските активности, би требало агората да добие изглед каков што заслужува и заедно со соседниот храм на заштитничката на градот – богинката Тихе, да претставува компактна целина како репрезентативен сегмент од акрополата на градот Стибера. Но, сепак, иако ископувањата се мали, и тоа на места каде што подното ниво на римскодобната агора не е сочувано, дојдовме до постариот хоризонт од егзистирањето на градот, а тоа е времето на македонските антички кралеви – вели Душко Темелкоски.

Според Темелкоски, Стибера е спомната во неколку изворни антички записи, кои ја поврзуваат со времето пред доаѓањето на Римјаните.

– Два од нив се однесуваат на последните македонски кралеви, таткото и синот, Филип Петти и Персеј, кои на преминот од 3 во 2 век пред нашата ера и на почетокот од 2 век пр.н.е. војувале против Римјаните. Античка Македонија била единствената држава во тоа време која повеќе децении успешно ги одбивала продирањата на Римјаните во овој дел од Балканскиот Полуостров. Се воделе вкупно три македонско-римски војни. Во едниот запис се споменува римскиот војсководец Сулипкиј, кој за време на втората војна во 200 година пр.н.е., при повлекувањето од областа Линкестида (денешна Битола), накратко се задржал во Стибера, каде што неговите легии се снабдиле со потребните намирници, меѓу другото и со жито. Пелагонија во сите временски епохи, од праисторијата, преку антиката, па сè до денес, е позната плодородна котлина – објаснува Темелкоски за весникот ВЕЧЕР.

Вториот запис, додава, се однесува на третата и последна македонско-римска војна. Во тој запис е запишано дека последниот македонски крал, Персеј, токму во Стибера, извесен период во текот на 169 година пр.н.е., го стационирал својот воен штаб.

– Покрај тоа што командувал од градот во борбите против Римјаните и нивните сојузници Илири во западна Македонија и денешна Албанија, кралот презел и еден поход до градот Ускана (денешно Кичево). По успешниот поход, тој се вратил во Стибера со заробени Пенести, илирски сојузници на Римјаните, и ги продавал во градот како робови, што било вообичаено за тоа време. Со малите по обем овогодинешни истражувања, сепак откриваме скромни остатоци од градби од тој македонски период на егзистирање на Стибера. Сочувани се само во темели, затоа што врз нив подоцна биле подигани римските градби. Но, значењето од нивното откривање е тоа што на самиот терен се потврдува македонскиот хоризонт на градот – додава Темелкоски.

Инаку, истражувањата на Стибера, како проект од годинашната програма на НУ Завод и музеј Прилеп, се поддржани од Министерството за култура со 200 000 денари.

Атрактивни наоди од предримскиот период 

Во движните наоди од овој предримски период, како што посочува археологот Душко Темелкоски, доминираат наодите на фрагментирана садова керамика, а се евидентирани и земјени тегови и неколку метални наоди.

Највредни се двата калапа од глина, едниот за луксузна чаша за пиење вино со декорација од бршлен, додека другиот калап е за изработка на теракотна претстава на Херакле во борба против Немејскиот лав, еден од подвизите на овој митолошки јунак, предок на македонската античка кралска куќа. (Д.Т.)