ДО 2100 ГОДИНА: Македонија ќе изгуби 21 благопријатен ден на отворено

91

Балканот ќе биде еден од најтешко погодените региони во Европа како последица од климатските промени, а ниту на Македонија не ѝ се пишува добро, покажува истражувањето на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) каде што развија нов начин за мерење на влијанието на глобалното затоплување во реалниот живот и предвидување на долгорочните ефекти.

Според мерката што ја создадоа со податоци од 50 различни климатски модели, се одредува колку ќе се зголеми или опадне бројот на „надворешни денови“ на различни дестинации низ светот до 2100 година, односно 24-часовни периоди кога температурите се доволно удобни за повеќето луѓе да се вклучат во активности на отворено, без разлика дали се за работа или за одмор.

Ова се денови кога не е ниту премногу топло, ниту премногу студено, што научниците го сместуваат во температурен опсег од приближно помеѓу 10 °Ц и 25 °Ц, без екстремни временски појави.

Според студијата на МИТ, Балканот најверојатно ќе биде еден од најтешко погодените региони во Европа. Така, поради екстремните горештини меѓу мај и јуни, Грција би можела да изгуби 37 денови на отворено до 2100 година, Албанија ќе загуби 30 дена, Србија 26, Македонија 21, Бугарија 17, а Романија 12 дена. Во Европа, на север ќе има повеќе денови со пријатно време бидејќи зимите ќе станат потопли, но на југ екстремните горештини во летните месеци ќе предизвикаат намалување на деновите на отворено.

Поради потоплите зими фатален удар може да биде за скијачка индустрија во Европа. Поради недостигот на снег, се размислува за замена со вештачки снег, но многумина мислат дека тоа ни оддалеку не би помогнало да се одржи скијачката индустрија, за која „пријатни“ и целосно профитабилни „денови на отворено“ се само оние со многу реални снег.