Дојран се подготвува за новата туристичка сезона

87

Нов лик на централното подрачје, повеќе парковски површини и нови плажи, ова се дел од содржините кои Дојран ги најавува за новата туристичка сезона. До крајот на овој месец се очекува комплетно да заврши реализацијата на проектот насловен ,,Дојран туристички бисер на југоисточна Македонија, финансиран од ЕУ и Владата преку кој се уредуваа површина од околу 36.000 квадратни метри.

Со проектот освен нови парковски содржини туристите ќе добијат и нови детски игралишта, игралишта за домашни миленици, и простор за рекреативни друштвени игри. Со проектот е предвидена и санација на отворената летна сцена, асфалтирање улица до сцената и партерно и хортикултурно уредување на просторот околу неа.

– Тоа беше реализирано преку две поединечни тендерски постапки кои што би требало да завршат до крајот на мај и спремни да ги дочекаме туристите, односно со разубавени содржини, нови детски игралишта, со содржини за домашни миленици, со паркови и зеленила, така што сето ова ќе значи и плус за нас како локална самоуправа, но и како туристичка дестинација – вели Анго Ангов, градоначалник на Дојран.

Дел од понудата оваа сезона во Дојран ќе биде и обновената плажа Калдрма во Нов Дојран која важи за една од најстарите плажи во овој туристички центар, но реконструираните културно историски споменици како што се саат кулата, турската бања и пристапните патеки до нив.

(З. Ѓ.)