Доста е, веќе не може тутунот да се продава по 100, јагнето по 160, а оризот по 17 денари за килограм

Покрај тутунарите протести најавуваат и оризопроизводителите и сточарите. Велат дека надлежните институции немаат слух за решавање на нивните проблеми и најавија дека ќе излезат на протести и со механизацијата ќе ги блокираат патиштата. Од Здружението „Агроцентар“ ги подржуваат тутунарите во нивните барања за повисока откупна цена и најавија дека ќе им се приклучат на протестите и од 10 декември ќе го блокираат регионалниот пат Велес-Чашка-Богомила

1322

Земјоделците во државата на нозе. Освен тутунарите и оризарите и сточарите се заканија со протести низ цела држава доколку не се реши проблемот со ниските откупни цени на оризот и јагнето. Ниските откупни цени се проблем кој долго време ги мачи македонските земјоделци во речиси сите сектори. Не може тутунот да се откупува по 100, јагнето по 160, а оризот по 17 денари за килограм, велат од здруженијата на земјоделци. Земјоделците најавија дека ќе протестираат се додека не се реши проблемот со ниските откупни цени, бидејќи како што велат тие се во финансиска криза подолго време и повеќе не можат да издржат.
Оваа година тутунот е нереално проценет. Просечнaта цена е околу 120-150 денари за килограм, а некој од тутунарите го даваат тутунот и за 100 денари. Тие велат дека оваа цена е многу ниска и еден производител кој живее само од тутун, не може да опстане. Тутунарите бараат реална проценка на тутунот и укинување на четвртата класа, во спротивно најавија дека ќе ги блокираат вагите и ќе ги реализираат протестите.
И оризопроизводителите се незадоволни од ниските цени на оризовата арпа која се откупува од 17 до 20 денари. Со оваа цена не можат да се покријат ни основните трошоци за производство, се жалат оризопроизводителите кои се принудени поради лошиот откуп, овогодишниот род или да го складираат во амбарите или да го продаваат под цена.
И покрај тоа што пред два месеци им беше ветено дека ќе се преземат мерки за решавање на нивната ситуација, односно ниската цена на оризовата арпа, досега ништо е преземено. Оризопроизводителите кој бараат откупната цена да биде 25 денари по килограм се револтирани од ваквиот однос на надлежните и најавија дека ќе излезат на протести и со механизацијата ќе ги блокираат патиштата.
Од Здружението „Агроцентар“ ги подржуваат тутунарите во нивните барања за повисока откупна цена и најавија дека ќе им се приклучат на протестите. Од Здружението најавија дека од 10 декември ќе го блокираат регионалниот пат Велес-Чашка-Богомила.
Не веруваме дека состојбата ќе се промени и затоа најавивме големи протести низ целата држава на кој ќе ни се придружат и земјоделците од останатите гранки, оризари, лозари, овоштари…, вели за ВЕЧЕР, Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ и додава дека на протестот ќе се придружат и овчарите поради ниската откупна цена на јагнето.
-Веќе е 10 декември се ближи католички Божиќ, а за јагнето нема побарувачка. Од 15 до 20 декември треба да се откупи целото јагне, а се уште нема дефинирано откупна цена. Некој трговци сакаат да го откупат по цена од 160 денари за килограм и да се збогатат на грбот на сточарите. Нема да дозволиме јагнето да се откупува по цена под 180 денари за килограм. За секоја цена под оваа ќе следи блокада на кланиците, вели Јанков.
Од Националната федерација на фармери одамна бараат решавање на проблемите со ниските откупни цени во земјоделството. Оттаму велат дека алчноста и немањето општествена одговорност кај големите откупни компании ќе придонесат да се уништи македонското земјоделство, бидејќи со манипулативниот однос преку ниските откупни цени и понижувачкиот став кон земјоделците веќе го уништија земјоделецот.

(А.С.)