Животниот простор е огледало за нашата емотивна состојба. И психолозите и архитектите се согласуваат со ова тврдење зашто кога сте лошо расположени и не ви се станува од кревет, тешко дека ќе ја избришете прашината и ќе ги решите работите, исто како кога ќе се разбудите полни со енергија – имате сила и волја да направите вашата куќа да блесне исто како вас. Свесно или не, нашиот простор е слика на нас самите. Затоа ако во моментот не се чувствувате пријатно во вашиот дом ви недостасува нешто – можеби е време да направите промена во распоредот и да се ослободите од некои елементи што не ги сакате. Со неколку работи просторот ќе процвета, а можеби и вие. Просторот за живеење е нашата безбедна зона, затоа ценете го вашиот дом и преуредете го суптилно.

 

Обрнете внимание каде паѓа светлината на вашиот стан. Една од клучните работи во создавањето простор за живеење што „дише“ и има мирна енергија е следење на светлината.

 

Ако имате многу светол стан, имате среќа. Секој детаљ што ќе одлучите да го вметнете во просторот ќе добие сјај и фокус, но ако го немате – работите се поставуваат малку поинаку. Делот од станот што е добро осветлен треба да биде централниот дел. Не ставајте огледало на светло место и не ставајте телевизор на светло место бидејќи ќе биде невозможно да го гледате – а и жално е така да го узурпирате таквиот простор. Осветлениот дел од станот може да послужи како галериски ѕид, место за некоја скулптура или уметничко дело што ќе има дополнително играње на сенки поради светлината или агол за читање или слушање музика.

Кога планирате уредување со мебел, добро размислете дали и колку сакате да го „задушите“ просторот. Искрено, не секогаш ви треба повеќе простор, само помали работи. И оние работи што се практични. Значи, ако живеете во студио, не купувајте четворосед. Не купувајте работи што едноставно ги сакате или во моментов се во тренд. Фокусирајте се на потребите – кревет, плакар, фиокар, трпезариска маса и столови – на пример.

 

Купувањето повеќе плакари нема да го реши проблемот со премногу работи што ви прават хаос. Кога ги чувате, можеби не изгледаат неуредно, но сигурно ќе купите нови и каде да ги ставите старите?! Затоа, не жалете и започнете да фрлате. Сè што не ви се допаѓа, старо, истрошено, големо и тешко, што стои и собира прашина со години, нека лета надвор!

 

 

 

Минималистички пристап за украсување на вашиот дом е добар и ефикасен, но секако тоа не мора да значи дека треба да се ослободите од сè што е драго за вашето срце. Напротив.

 

 

 

 

 

 

Треба да го чувате она што го сакате, заедно со уште неколку практични работи во животот, а потоа да им дадете простор и цел на секоја од нив. На пример, некои од вашите омилени играчки од детството можат да бидат совршен скулптурен украс на полицата покрај книгите, кои се практични и што ви требаат. Исто така, вашето омилено ќебе од детството може да биде прекривка за ладни денови, затоа пак би можеле да се ослободите од непотребните украсни перници ако имате премногу. Никогаш пренатрупано е основниот принцип.