“Приказ“ е наслов на долгометражниот филм снимен од студенти во Куманово, а  во „вонредни услови“ поради Ковид 19. Според режисерите на ова остварување Николај Павловски и Марко Јовановски се работи за психолошки трилер снимен со учество на 20 актери-аматери и уште толку лица во продукција. Филмот е работен во Куманово, но и во Крива Паланка, Охрид и Струга.

“Голем предизвик беше да се снима во време на пандемија, не само поради мерките, туку и стравот од зараза. Но, носевме маски, држевме дистанца, миевме раце. Снимавме блиски кадри двајца по двајца, еден ден, па друг ден, а широките ги снимавме кога не важеа мерките за групно собирање. Интересно е искуството“, вели Николај Павловски, еден од режисерите.

Според младиот актер Стефан Павличек, пак,  филмот може да се класифицира како трилер, мистерија, драма на кумановски начин…

Главниот лик ја истражува својата субјективна реалност, а филмот е исполнет со филозофија од Фридрих Ниче. Тоа било предизвик за младата екипа, мотивирани аматерски уметници да подготват филм.

“Пораката е дека секој човек има свои тајни и гори внатре во себе тивко, но тој пламен може да стане поголем – да изгори и други луѓе, но и себеси. А пораката од екипата е дека сите можат, особено младите луѓе, кога сакаат нешто да постигнат – постигнуваат“, вели Јелена Стошевска која игра една од споредните улоги. Филмот е предвидено да биде прикажан во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, како и да конкурира на британски фестивал за аматерски филмови.