Додека се чека пратениците да се соберат и да ја изгласаат, германските инвеститори бараат јасни правила за недела неработен ден

59

Додека во развиените европски држави работната недела се крати на четири дена, повеќе од една година вработените во Македонија чекаат неделата да ја добијат како ден за одмор.

Двата закона со кои се решава ова прашање, подолго време се дадени на второ читање, но сè уште ги нема на агендата на Собранието. Законот за трговија со кој се регулира неделниот одмор на вработените во тој сектор треба да оди на донесување на пленарна седница, додека пак Законот за работни односи сè уште не минал ни низ матичната собраниска комисија за труд и социјална политика.

Но, додека се чека виза од пратениците, германските инвеститори во земјава веќе бараат да знаат на што ќе бидат кога во недела ќе треба да ставаат клуч на компаниите.

Како што информира Делегацијата на германското стопанство, поднесено е барање во Предлог-законот со кој недела би била прогласена за неработен ден да се внесе уредба за прецизно регулирање на ваквото решение. Таква уредба, како што информира директорот на Делегацијата Патрик Мартенс, е потребна за да се заштити позицијата што ја имаат производителите од нашата во однос на глобалните синџири на снабдување.

-Во четвртокот имав средба со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Разговаравме за новиот Предлог-закон со кој недела би била прогласена за неработен ден. Заедно со германските инвеститори во земјава поднесовме барање во законот да биде внесена уредба со која прецизно ќе се регулира законот. Оваа уредба ќе ја заштити позицијата која ја имаат производителите од Северна Македонија во однос на глобалните синџири на снабдување. Ја информирав министерката за тоа што ќе значи застојот во производството за автомобилската индустрија во однос на глобалните синџири на снабдување и конкурентноста на пазарот во однос на земјите со кои Северна Македонија конкурира во привлекувањето странски инвеститори, вели Мартенс.

Тој во понеделникот имал работна средба и со министерот за правда Бојан Маричиќ на која, како што наведува, присуствувал и заменик-германскиот амбасадор Ото Граф, а темата на разговорите била заштитата на инвеститорите.

Владејачката СДСМ неодамна објави дека го окрупнува мнозинството во парламентот за да може да се донесе регулативата за недела неработен ден која долго време е „заглавена“ во Собранието. Но, Сојузот на синдикатите на Македонија на пратениците им даде ултиматум во рок од 30 дена да го донесат ова ветено право на вработените, заедно со минимална плата од 18.000 денари и уште неколку најавени подобрувања на работничките права. Во спротивно, синдикалците се заканија со масовен штрајк пред Собранието.

Со измените на Законот за трговија се предвидува во недела да работат ограничен број трговци, но и моловите, само во една смена. За работа во недела вработените треба да добиваат две дневници и еден слободен ден во седмицата, а работодавците во буџетот ќе треба да уплатуваат два процента од прометот. Со измените на Законот за работни односи се определуваат дејностите во кои поради природата на работата во недела мора да се работи. Оние што ќе работат во денот предвиден за одмор ќе добиваат дневница зголемена за 50 проценти.

Инаку, по стапување на овие измени во сила во недела ќе работат само околу осум проценти од вкупниот број вработени во државата. Овие нови правила за работа во недела требаше да почнат да се применуваат од почетокот на минатиот месец, како што сè уште пишува во предлозите за измени на законите.

(С.В.)