Првите десет трки во Формула 1 сезонава се одложени или откажани поради пандемијата на коронавирус. Челниците на „најбрзиот циркус на светот“ се надеваат дека сезоната ќе стартува на почетокот на јули, со трката за Големата награда на Австрија.

Поради ваквиот расплет на настаните, актуелниот шампион Луис Хамилтон, смета дека секоја трка ќе им биде од големо значење на љубителите на овој спорт.

  • Добивам пораки од луѓе ширум светот кои страдаат затоа што не можат да гледаат спорт. Тоа покажува колку спортот им значи на луѓето, нè собира сите заедно. Не знам колку е возбудливо за луѓето да гледаат трки на ТВ, но тоа е подобро отколку да нема спорт, истакна Хамилтон.

Хамилтон беше меѓу возачите во Формула 1 кои се побунија пред трката за Големата награда на Австралија, пред да биде официјално откажана. Тој тогаш изјави дека не е сигурен колку е добра идејата да се одржи таа трка и дека е изненаден што сите се наоѓаат во Мелбурн.

  • Навистина беше шок за системот. Јас го дадов моето мислење тој четврток, а потоа се разбудив следното утро возбуден ќека ќе влезам во болидот и ќе излезам на патеката. Но, тоа беше надреално. Ова е прв пат да сум на едно место шест недели, многу невообичаено со оглед на тоа дека цело време сум на пат. Ми требаше некое време да се навикнам на тоа, истакна Хамилтон.