Димитриевски: Општината добро работи, ќе побарам поддршка за втор мандат!

238

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски смета дека добро ја води општината и најави дека ќе побара поддршка од неговата партија и граѓаните за втор мандат.

Тој во отчетот, по три години работење како прв човек на општината, истакна дека успеал да врати долгови по 8 години и од март, општината е деблокирана.

– Исплатени се обврски од 470 милиони денари, од Владата е добиена помош од 115 милиони денари. Ваквиот финансиски резултат се должи на заштедите од јавни набавки, зголемени даночни и други приходи особено, данок на промет на имот. На сопствена сметка општина Куманово има 17 милиони денари со кои располагаме – рече Димитриевски.

Тој се осврна и на справувањето со ковид-кризата во рамки на надлежностите на локалната власт.

– Над четири милиони денари се одвоени се дезинфекција, за хуманитарни пакети, преку донации се дистрибуирани над 4.000 пакети, набавка на заштитни средства, опрема, одвоени се над 240.000 денари за училишта за дезинфекција, намалена комунална такса на годишно ниво, а угостителите беа ослободени од комунална такса, поставување на урбана опрема и закуп за државно неизградено земјиште до крајот на годинава – истакна градоначалникот.

Во отчетот, Димитриевски зборуваше и за јавно-приватно партнерство за улично осветлување, за асфалтирање и реконструкција на повеќе улици во централно градско подрачје и во поширокото подрачје.

– Изградени е водоводна, канализациска и атмосферска канализација на повеќе улици во градот и приградските населби. Проширена е гасоводна мрежа на повеќе улици, извршени се приклучоци, а има и субвенции. Поставени се подигнати пешачки премини до речиси сите 22 училишта, тротоари, автобуски постојки – рече Димитриевски и најави дека се работи на две сообраќајни решенија за кружни текови кои ќе се вметнат во новата развојна програма.

Тој додаде дека и во наредниот период ќе се посвети на инфраструктурни проекти за училишта, бидејќи учениците следат онлајн настава.

– Доколку добијам поддршка од граѓаните за втор мандат, а еве јавно кажувам дека ќе трчам за втор мандат и тука ја барам поддршката и од мојата политичка партија и од сограѓаните ќе продолжам на ваков начин да го менаџирам градот и да ги ставам во целосна функција и јавните претпријатија и заедно со тимот, советниците да ги намалиме комуналните проблеми во градот – рече Димитриевски.