Димитриевски: Издадовме дозвола за градба на нова фабрика за бетонски производи

79

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, на осмата седница на Советот на општината информираше дека е издадена дозвола за градба на нова фабрика за бетонски производи којашто ќе се гради во индустриската развојна зона Новаци и Речици од страна на странски инвеститор од Лариса, Грција.

Димитриевски, се вели во соопштението од општина Куманово, информирал дека секојдневно се во разговори со голем број на странски компании кои сакаат да инвестираат на територија на општина Куманово, особено во делот на енергетиката и изградба на фотоволтаични системи.

– Дополнително, инвестицијата на Дрекслер маер која е во соработка со наши домашни субјекти и Германската амбасада, лобиравме да дојде тука во Куманово. Во следниот период од 2 години предвидени се 2000 нови работни места во тој индустриски капацитет. Отворени сме за секој друг тип на инвестиции, рече Димитриевски, информираат од општина Куманово.

Димитриевски потенцираше дека најголемиот проблем е што се соочуваат со многу бирократски процедури.

– Индустриската зона Новини и Речици која е вцртана во секоја техничка документација на барање на Владата, веднаш потоа откако ни е предадена во владение е дадена и потпишана на некој министер, истото земјиште да се користи и како земјоделско земјиште и се стопанисува со него. Четири писма пративме до Министерство за земјоделие и ниту еден одговор, изјави Димитриевски, и го повика министерот да даде одговор и го поништи тој договор.

Димитриевски, најави дека како општина, ќе продолжат со сопствени сили во рамки на секторот за локален економски развој да се зголеми економскиот раст на градот.