ДИК испрати препораки до општински изборни комисии во однос на техничките проблеми

66

Од Државната изборна комисија е испратен меил до сите општински изборни комисии кои треба да го проследат до избирачките одбори, а се однесува на техничките проблеми околу функционирањето на биометриските апарати за идентификација што утрово беа пријавени на неколку избирачки места.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на денешната прва прес-конференција соопшти за ова известување.

„ДИК ве известува доколку гласачот неспорно е идентификуван во избирачкиот список а уредот за биометриска идентификација не го препознава и по неколку обиди на гласачот му се дозволува да гласа со оставање на отисок од прст во изводот на избирачкиот список во графата за отисок на прст. Напомена: Стариот начин на гласање со употреба на спреј и УВ лампа се применува само во случај кога уредот за биометриска идентификација на гласачот е неупотреблив или нема можност за негова замена“, стои во пораката од ДИК.