Децениски проблем:Не запира дивата сеча на дрва во Кичевско

27

Последните десетина години дивата сеча на дрва во Кичевско зема се поголем замав, а овој проблем не го заобиколи ниту село Осломеј. И покрај сите апели на селаните да се спречи оваа појава, сепак нивните замолници како да не допираат до одговорните а дивата сеча на дрва продолжува со уште поголем интензитет.

– Последните 10-15 години шумскиот појас во близина на нашето село е континуирана цел на недозволена сеча на дрва на лица од соседните села или од градот.Ако порано дивата сеча се одвиваше во ноќните саати и во тајност, денес таа се случува среде бел ден а шумскиот појас во нашето село секојдневно се намалува. Ако нешто поконкретно не се превземе во наредните години, стравуваме дека ќе создадат вистинска голина од ридовите кои во времето беа пребогати со шума, истакна Саве Димитриески, жител на Осломеј.

Тој вели дека се што било во нивна моќ го преземале за да се спречи недозволената сеча на дрва.

– Сме излегувале на терен каде ги наоѓаме дивите сечачи, кои не сакаат да слушнат дека некој може да ги спречи во нивните намери. Проблемот им е добро познат и на шумочуварите и на вработените во Шумската полиција, но сите креваат рамења со изговор дека не можат ништо да променат и вината ја префрлаат на друга страна. Се добива впечаток како да не постои систем кој ќе се грижи за шумското богатство во земјава, а ние како селани препуштени сами на себе не можеме да ги одбраниме и деловите од шума кои се наша приватна сопственост, нагласи Димитриески.

Тој упати апел до сите надлежни да се посветат на овој проблем за, како што вели, да не се случи во блиска иднина штетата да биде целосна.

Бранко Николоски, одговорно лице на Шумската полиција во Кичево истакна дека вработените во Шумската полиција вложуваат максимални напори, ако не може целосно да се спречи, барем да се ублажи дивата сеча на дрва која е присутна во сите делови на кичевско.

– Во повеќе наврати лицата кои вршат недозволена сеча на дрва во Осломејскиот регион се затекнати на самото место како од наша страна така и од шумочуварите,одземани им се затекнатите дрва и моторни пили , поднесувани им се пријави до судот за понатамошно решавање на овие случаи.Но по процесуирањето, овие лица продолжуваат со истата практика а ние навистина не можеме во секое време да бидеме во сите делови од регионот, бидејќи нашиот регион е најголем и најбогат со шума и се простира на површина од околу 58 000 хектари, вели Николоски.

Шумочуварот Пецо Блажески, кој го покрива ревирот на село Осломеј, со слични искуства во однос на дивите сечачи на дрва, за кои вели тешко се наоѓа трајно решение..

– Добро ни е познато а и од самата прошетка низ шумата може да се заклучи дека дивата сеча во овој регион е доста интензивна. Ние секојдневно правиме обиколка на ревирот кој го покриваме и ретко кога сме сретнале диви сечачи. Тогаш кога ќе ги затекнеме на самото место, не само што им го одземаме алатот и дрвата туку и им поднесуваме прекршочни пријави и по добивањето на пресудите тие повторно продолжуваат со истата практика. Има случаеви диви сечачи претежно од градот да имаат и по десетина пријави и продолжуваат со истата навика, вели Блажески.

Блажевски им порача на жителите од селото или да ги продадат или да ги исечат дрвата од сопствените задли, за да немаат понатамошни проблеми, бидејќи, како што вели, дивата сеча на дрва речиси е невозможно целосно да се спречи.