Денес погребување на српскиот патријарх Иринеј

244

Во храмот Свети Сава во Белград утрово во 9 часот започна литургија за упокојување на српскиот патријарх Иринеј, кој потоа ќе биде погребан во крипта во истиот храм, јавуваат српските медиуми.

Поради епидемиолошката ситуација, воо храмот се само свештениците кои ја служат литургијата, како и официјални претставници на државата и на други верски заедници, како и членовите на хорот.

Литургијата во централниот дел од храмот, каде што беше изложено телото на патријархот Иринеј, ја служи митрополитот Хризостом заедно со 16 владици од СПЦ.

Пред почетокот на литургијата во храмот Свети Сава пристигнаа премиерката Ана Брнабиќ, претседателот на собранието на Србија Ивица Дачиќ, повеќе министри, како ии претставници од Град Белград.

Меѓу присутните е и мандатарот за состав на новата црногорска влада Здравко Кривокапиќ и амбасадорите на Црна Гора и Русија во Белград.

На погребот ќе присуствува и претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседавачот на претседателството на БиХ Милорад Додик.

Инаку, верниците од рано утрото почнаа да пристигнуваат пред храмот за да покажат последна почит кон починатиот патријарх. Бидејќи влезот во храмот е ограничен, пред храмот се поставени два видео бима на кои верниците ќе можат да ја следат литургијата.

Српскиот патријарх Иринеј ќе биде првиот поглават на СПЦ погребан во Храмот Свети Сава.