Заев: Јазикот е дел од генетскиот код на еден народ

37

Премиерот Зоран Заев испрати честитка за Денот на албанската азбука.

-Денот на создавањето на албанската азбука има голема важност за сите Албанци и овој датум се смета за еден од клучните настани во историјата на Албанците, и во нашата заедничка историја.

Во градот на конзулите, избран за седиште на овој конгрес, кој се одржал од 14–22 ноември 1908 година, се собрале голем број истакнати албански личности од културниот и политичкиот живот од почетокот на 20 век. Претседателот на Конгресот, Мит’хат Фрашери и потпретседателите Луиѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Ќиријази, претседателот на Комисијата Ѓерѓ Фишта, како и единствената жена на Конгресот Парашќеви Ќиријази, која подоцна ќе го напише првиот буквар на стандардизираниот албански јазик и азбука која што е во употреба до денешен ден.

Денеска, во Музејот на албанската азбука во Битола, се наоѓа одлуката за единствено, стандардизирано албанско писмо, како и копијата од првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енѓели од 1462 година.

Со унифицирањето и стандардизирањето на азбуката, албанското писмо станува дел од рамноправните, модерно формирани европски писма и дел од разноличното богатство на светското културно наследство.

Јазикот и негова соодветна азбука се дел од генетскиот код на еден народ и се произлезени од универзалното право на самоопределување. Во тој генетски код се елементите на идентитетот и потенцијалите за комуникација, општествена интеграција, за образование и развој, стои во честитката.

Наша должност, порачува премиерот, должност на државата е да ги почитува, чува и негува посебностите на јазикот и писмото на секоја нејзина заедница.