Без објавена агенда на посетата и без изјава за медиумите, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, денеска ги започна средбите со државните и политичките претставници на Македонија, откако вчера во Софија, одржа нова рунда разговори со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Кирил Петков. Утрово, тој час и половина се задржа во македонската влада каде што разговараше со премиерот Димитар Ковачевски, а на средбата присуствуваа и вицепремирот за европски прашања, Бојан Маричиќ, но и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, во рамки на чие министерство се одвиваат политичките разговори со Бугарија.

Вархеи освен со владината тројка, Ковачевски, Маричиќ и Османи, во македонското Собрание разговараше и со првиот парламентарец, Талат Џафери, како и со лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Вархеи, кој вчера од конференција во Софија за пристапувањето на Западниот Балкан во ЕУ рече дека е подготвен да дојде толку пати колку што ќе биде потребно за да се реши прашањето до јуни, бидејќи како што рече Унијата веќе нема интерес да губи време на тоа, реши по средбите во Софија да не даде изјава за медиумите, а и денеска во Скопје ги избегна новинарските прашања и на влегување и на излегување од Владата.

– Северна Македонија е дел од Европа! Немаме време за губење, треба да се забрза процесот! – напиша еврокомесарот Вархеи по средбата со премиерот Ковачевски на Твитер.

На средбата во Влада македонскиот премиер и еврокомесарот за проширување заклучиле дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна.

Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база.

– Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партнер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, рече премиерот Ковачевски.

Еврокомесарот за проширување Вархеи, вчера во Софија на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“ порача дека е екстремно разочаран што сè уште се разговара за прашањето кога Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ за кое, како што рече, верувал дека било решено пред две години. Според него, првин треба да се одблокира процесот преку новата методологија за проширувањето која, како што рече, била создадена не само заради земјите кандидати туку и заради внатрешните потреби на ЕУ бидејќи, како што нагласи, Западниот Балкан е важен за Унијата, а оваа војна во Украина треба да нè потсети зошто.

Но, одговорот на неговите бугарски домаќини беше повторување на ставот дека вклучувањето на Бугарите во уставот на Македонија треба да се случи пред почетокот на преговорите за членство.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, вчера во Софија на панелот „Придобивки од интеграцијата“, истакна дека евроинтеграцијата значи подобро справување со заедничките предизвици и уште поважно запечатување на припадноста во семејството на слободниот, демократски и прогресивен свет. Тој претходниот ден беше во Берлин, каде што доби потврда дека Берлин останува предводник на европската перспектива на Македонија и на целиот регион. Но, останува да видиме дали оваа засилена дипломатска иницијатива ќе го отвори патот во јуни за започнување на македонските преговори за приклучување во ЕУ.

(И.С.)