Двојно зголемен бројот на „ученици понављачи”  во средните училишта!

124

Повеќе од двојно е зголемен бројот на ученици во средните училишта кои ја повторуваа учебната година. Ако учебната година 2020/2021 имало 118 повторувачи, оваа година се вкупно 261. Според изјавите што за ВЕЧЕР ги дадоа директорите на некои од средните училишта, пандемијата од ковид-19, поради која беше спроведена онлајн настава, си го зеде својот данок и таа е главната причина за зголемениот број ученици кои повторувале во учебната 2021/2022 година.

– Ваквата бројка се должи на тоа што минатата година имавме онлајн настава и учениците се снаоѓаа кој како знае и умее, а годинава која веќе измина, тие посетуваа настава со физичко присуство, вели Дарко Спасев, директор на средното хемиското училиште „Марија Кири Склодовска“

 

Повеќе од двојно е зголемен бројот на ученици во средните училишта кои ја повторуваа учебната година. Ако учебната година 2020/2021 имало 118 повторувачи, оваа година се вкупно 261.

Според изјавите што за ВЕЧЕР ги дадоа директорите на некои од средните училишта, пандемијата од ковид-19, поради која беше спроведена онлајн настава, си го зеде својот данок и таа е главната причина за зголемениот број ученици кои повторувале во учебната 2021/2022 година.

– Ваквата бројка се должи на тоа што минатата година имавме онлајн настава и учениците се снаоѓаа кој како знае и умее, а годинава која веќе измина тие посетуваа настава со физичко присуство – изјави Дарко Спасев, директор на средното хемиското училиште „Марија Кири Склодовска“.

Тој смета дека ваква бројка на ниво на држава е во ред, бидејќи како што вели, имало години кога и по 500 ученици ја повторувале годината.

– Сепак на учениците им требаше период да се приспособат и да се социјализираат. Беа затворени 1,5 година – нагласи Спасев.

Како што вели Висар Дурак, директор на средното училиште „Цветан Димов“ , секое училиште има различни резултати, а причините за ваквата бројка можат да бидат различни.

– Можеби тоа се должи на социјалниот статус, а свој удел секако дека има и пандемијата, поточно онлајн наставата – вели Дурак.

И директорот на средното училиште „Владо Тасевски“, Александар Сибиновски,  смета дека најголемиот виновник за зголемениот број ученици што повторуваат е онлајн наставата.

– Тоа посебно е изразено во втора година. Учениците се однесуваат како да се прва, бидејќи не беа во училиште. Бевме коректни, па се договоривме во прва година никој да не повторува, поради онлајн наставата и поради пандемијата од ковид-19. Но, тоа сега еве ни се удри од глава – нагласи Сибиновски и додаде дека не е сè само во образованието, учениците треба да знаат и примерно и коректно да се однесуваат.

Родителите, пак, сметаат дека ваквата катастрофална бројка на ученици кои повторувале се должи на тоа што тие ученици кои повторувале во средното училиште, во основното биле со напумпани оцени кои не ги заслужувале, но и на недоволната контрола од родителите уште кога детето ќе тргне во училиште.

– Ова се случува затоа што тие истите ученици во основно ги влечкале со напумпани оценки кои не ги заслужуваат, затоа што ученици во основно со единици на тестови преку учебната година на крај во свидетелствата имаат одличен успех, затоа што ученици кои цела учебна година имаат по десет единици на крај поминуваат, дури понекогаш и со добар успех. Ете зошто во средно има сè повеќе повторувачи – коментира Елена Јовческа.

За Смилја Николовска-Василевска причината е едноставна.

– Родителите не водат контрола дали тоа дете оди спремно на училиште од самиот почеток – прво одделение. А и самите ученици се тотално незаинтересирани за наставните предмети. Што е најважно, дури се дрзнуваат некои предмети да ги омаловажуваат. Најголем пропуст е што се дозволува ургенции за поправање на оценки со оценка што не ја заслужуваат. Под итно да се прекине со тоа ако сакаме да имаме квалитетен учен кадар – смета Николовска-Василевска.

И професорот Иван Блинков се чуди на ваквата бројка.

– Јас се чудам на бројкава. Мислев веќе не се понавља. Порано уште во прво одделение се повторуваше, а најмногу во петто и седмо. Па, на времето илјадници повторуваа. Јас роден 1961 година, а во осмо одделение со мене учеа родени и од 1959 и од 1958 година. Во гимназијата „Орце Николов“ во прва година повторуваа околу 35 до 40 луѓе и така од седум станавме шест класа. Абе луѓе, не е секој за средно училиште. Со сила убавина не бива – вели професорот.

(А.П.)