Две анкети во ист ден, победуваат и Заев и Мицкоски!

Двете анкети, кои беа објавени во ист ден, покажаа предност од неколку проценти и за Зоран Заев и за Христијан Мицкоски, и дека и двете партии ќе победат на претстојните локални избори

142

На една недела пред официјалниот старт на предизборната кампања., партиите се пофалија со нивните рејтинзи, и со довербата во нивните лидери. Двете анкети кои беа објавени во ист ден, покажаа предност од неколку проценти и за Зоран Заев и за Христијан Мицкоски, и дека и двете партии ќе победат на претстојните локални избори.

Резултатите од редовниот политички барометар на агенцијата „Брима“ за политичките ставови на населението во земјава, покажуваат дека 44,2 отсто од граѓаните „многу веројатно“ дека ќе излезат на гласање, а 30,5 проценти дека „веројатно ќе излезат“.

Во оваа анкета најпопуларен политички лидер во земјава е премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој со своите 11,8 проценти од поддршката на анкетираните убедливо води пред лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ужива 7 отсто популарност, пренесе „Слободен печат“. Меѓу етничките албански политичари, пак, „трката“ е нешто потесна, каде лидерот на ДУИ, Али Ахмети со 5,9 проценти и првиот човек на БЕСА, Биљал Касами со 4,4 отсто го предводат „дуетот“ во власта, пред опозиционерите Зијадин Села од Алијанса за Албанците со 4,1 отсто и Африм Гаши од Алтернатива со 0,4 проценти.

Според анкетата, доколку парламентарни избори се одржат сега, за СДСМ би гласале 19,5 проценти од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ 17,5 отсто. За ДУИ се определиле 7,2 проценти, а за Алијанса за Албанците 6 отсто. За Движењето БЕСА и за Левица гласале по 4,7 отсто, последна на листата со рејтинг од над 1 процент е ДПА, за која би се изјасниле 1,1 процент од анкетираните. Сите други партии имаат поддршка под 1 процент.

Барометарот покажува и дека 3,7 проценти од анкетираните изјавиле дека нема да гласаат или „ќе пуштат неважечко ливче“ на изборите, други 12,7 отсто сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат, дека нема да гласаат се изјасниле 9,3 отсто анкетирани, 3,7 отсто не знаат дали ќе гласаат, а оние кои одбиле да одговорат на ова прашање се 7,3 проценти од испитаниците.

Анкетата на „Брима“ за политичките ставови на населението во земјава во пресрет на локалните избори е теренско истражување, спроведено во периодот од 27 август до 9 септември годинава, на примерок од 1 201 испитаници.

Агенцијата „Брима ДОО“ не е познатата агенција „Брима галуп“, туку е фирма од Македонија основана од бугарскиот социолог Андреј Рајчев, а која спроведува анкети во континуитет по нарачки на премиерот Зоран Заев, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако медиумите пренесоа резултати од анкетата спроведена од „Брима“.

„Повторно како и по кој знае кој пат, заради храбрење на членството и функционерите, СДСМ пушта наместени анкети преку агенцијата Брима. На јавноста добро ѝ е познато кој стои зад оваа агенција, главниот идеолог за отворање на бугарски универзитет во Македонија, Андреј Рајчев.“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по објавената анкета на „Брима“.

Неколку часа подоцна, стигнаа резултати од уште една анкета, која вчера ја објави „Организацијата за граѓански активизам и независност”. Според таа анкета, пак, најголема доверба меѓу политичарите ужива лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

За него се изјасниле 15,9% од испитаниците кои истакнале дека нему најмногу му веруваат. Зад него е Зоран Заев, кој на анкетата добил доверба од 13,4% од испитаните граѓани.

Овие резултати покажуваат дека Мицкоски ужива за 2,5% поголема доверба од лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев.

„Организацијата за граѓански активизам и независност”, која се занимава со анализи, истражувања и граѓански активизам, за сопствени потреби направи теренско истражување од периодот од 1 септември до 9 септември 2021 на репрезентативен примерок на 1.149 испитаници на територијата на целата држава, со фокус на Град Скопје и општините на градот.