Да се засади дрворед долж пешачко-рекреативната патека по каналот Студенчишта

224

Неформалната еколошка организација „Чист Охрид” доставува јавен предлог до надлежните за засадување дрворед долж пешачко-рекреативната патека по каналот Студенчишта, односно, од ресторанот „Мадера” па сè до плажата „Парк”.

– Во моментов, прашањето со зеленилото е решено на начин што на тој потег се засадени дрвја на средината од патеката, но, тоа не е доволно. Па оттука, доставуваме предлог до надлежните за зголемување на дрвната маса во посочениот дел. Во време кога се соочуваме со масовни предизвици поради климатските промени, но и сè поголемото уништување на зеленилото и урбанизацијата, потребно е да се насочиме и фокусираме кон поодржлива иднина. Ова е само еден базичен дел од целокупниот процес – соопштија од „Чист Охрид“.

Сметаат дека со засадување на дрворед, граѓаните за време на летниот период би можеле максимално да уживаат во овој дел на градот.

– Кај дрвјата на средината на патеката системот за наводнувањe не работи, дрвјата почнуваат да се сушат, а таму каде што работи, дрвјата се поплавени со вода бидејќи не се гаси – посочува Александра Станоевска на проблем со системот за наводнување.