„Да се биде или не“ за СДСМ и ДУИ во Скопје и Тетово

Резултатите од вториот круг локални во Скопје и Тетово ќе бидат вовед во постизборната рекомпозиција на Собранието и Владата. Лидерот на ДПА, Тачи, прексиноќа рече дека е договорен влез на Алтернатива во владината коалиција во Собранието со нивните 4 пратеници. Договорот за поддршка во вториот круг на локалните избори склучија Беса и Алијансата за Албанците, со цел да ја поразат ДУИ. Дали Беса би поддржала ново парламентарно мнозинство, како што рече генералниот секретар Хоџа, ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат настаните на политичката сцена по локалните избори.

832

Кампањата за вториот круг на локалните избори полека но сигурно се претвора во процес за реконструкција на Владата. Ова станува јасно по изјавата на првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, кој синоќа на телевизиско гостување рече дека е договорен влез на Алтернатива во владината коалиција во Собранието.

„Работата со Алтернативата е договорена, ќе бидат дел од Владата со нивните 4 пратеници“, изјави Тачи.

Висок функционер на Алтернатива во изјава за МКД.мк денеска ги отфрли овие изјави, истакнувајќи дека „Мендух Тачи не е релевантен, како што не се релевантни ниту неговите изјави“.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно ги оцени како „полувистини“ наводите дека Алтернатива „се приближува на коалицијата на СДСМ“, додавајќи дека телефонски разговарал со лидерот на оваа партија Африм Гаши, за кого рече дека „го чувствува како пријател и искрен политичар на кого може да се потпре“.

Во рамки на можните парламентарни прегрупирања, масло на огнот додава и договорот за поддршка во вториот круг на локалните избори на Беса и Алијансата за Албанците(АА). Вчера Беса прва ги повика своите гласачи во вториот круг да гласаат за кандидатите на АА, а потоа и потпретседателот на АА, Арбен Таравари, најави поддршка за кандидатите за градоначалници на Беса, истакнувајќи дека треба да се поддржат сите кандидати што се борат против ДУИ.

„Ние и натаму тврдиме дека ДУИ треба да падне од секоја власт. Се надеваме дека Движењето Беса навистина има за цел да се одвои од злото, но потсетуваме дека тоа се прави само доколку ДУИ биде целосно отстранета од власта и создадеме ново парламентарно мнозинство“, нагласи Таравари.

Алтернатива, пак, денеска информира дека партијата донела одлука да ги поддржува оние кандидати кои ги поддржа во првиот изборен круг, а таму каде што ќе се натпреваруваат кандидати од власта, дека нема да сугерира за кого да се гласа. На Беса ѝ порачаа дека ќе треба да ја напушти Владата на Заев доколку сака да добие нивната поддршка во вториот круг на локалните избори во Тетово.

„Беса и нивниот кандидат за градоначалник на Тетово, Биљал Касами, сакаат да добијат поддршка од Алтернатива и да ја добијат најсилната позиција во овој град, но и да останат во Владата. Така не може. Нека излезе Беса со изјава пред јавноста да соопшти дека ни се приклучува во создавање на ново парламентарно мнозинство, па тогаш да очекува ние да ги повикаме нашите членови и симпатизери да гласаат за Касами”, изјави денеска за МКД.мк висок функционер на Алтернатива.

Шефот на Изборниот штаб и генерален секретар на движењето БЕСА, Аријанит Хоџа, денеска рече дека партијата останува на ставот дека е потребна соработка со Алијанса за Албанците за да може на овие локални избори да се победат кандидатите од ДУИ. Според него, легитимитетот за нова власт доаѓа од парламентарни избори, но дали како партија би поддржале ново парламентарно мнозинство, како што рече, ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат настаните на политичката сцена по локалните избори.

Соработката на Беса и АА во вториот круг на локалните не го загрижува многу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој вчера во телевизиско интервју изјави дека владината коалиција е стабилна, а дека е легитимно е секој да се бори за гласовите. Тој додаде дека не го разочарало ниту тоа што ЛДП и ДОМ како коалициони партнери јавно не ги повикале своите гласачи да ја дадат поддршката во вториот круг за кандидатите од коалицијата. Доколку СДСМ го изгуби Скопје, Заев повтори дека не ќе може да ја води Владата бидејќи опозицијата би правела опструкции на политиките на централната власт.

Доколку Заев поднесе неотповиклива оставка, како чин на одговорност за изгубените избори, тогаш ќе треба да падне целата Влада, бидејќи во Уставот не е предвидена оставка само на премиерот. Во член 93 се вели: „Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата ѝ престанува мандатот кога Собранието се распушта. Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова влада“.

Но, деновиве во медиумите беше наведено и друго сценариото, според кое Заев може да поднесе оставка од премиерската функција, но таа да не биде неотповиклива. Тоа значи мнозинството во Собранието да не ја прифати оставката и тој да остане премиер, а мнозинството во Собранието да не изгласа распуштање на Собранието и со самото тоа да нема избори. Во таков случај претседателот на државата го дава мандатот на СДСМ, од каде што ќе биде назначен новиот мандатар за состав на влада, односно новиот премиер, кој ќе одлучи дали ќе остане истиот владин состав или ќе има смена на некои министри.

Ова само потврдува дека резултатите од вториот круг локални во Скопје, каде што жестока битка за градоначалник ќе водат кандидатот на владејачката коалиција на СДСМ, Петре Шилегов, и независната кандидатка Данела Арсовска, поддржана од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, како и во Тетово, каде ќе се соочат Теута Арифи од ДУИ и Биљал Касами од Беса, ќе биде вовед во постизборната рекомпозиција на Собранието и Владата.

(И.С.)