Дали Македонија може да ѝ стави крај на португалската бајка?

169

Македонската ракометна репрезентација за играчи до 19 години го претрпе третиот пораз на Светското првенство кое се одржува во Скопје. Избраниците на селекторот Данило Брестовац, во последното коло од Ц-групата беа торпедирани од селекцијата на Јапонија со 31:22. Овој пораз ги зацементира на четвртата позиција во групата и во осминафиналето ќе ги одмерат силите со првопласираниот тим од Д-група, репрезентацијата на Португалија. Европските Бразилци се хит на првенството, откако дојдоа како замена за Австралија, која се повлече од Мундијалот. Португалија играше во група со европски репрезентации и заврши без пораз, во групната фаза славеа над Германија, Исланд, Србија, Тунис и Бразил. Токму затоа ќе бидат фаворити во осминафиналниот дуелот против „црвено-жолтите“, кој на програмата е утревечер (20:30 ч) во СЦ „Борис Трајковски“.

Осминафиналниот натпревар меѓу Македонија и Португалија (која е непоразена досега на шампионатот) се игра утревеч (20:30 часот) во СЦ „Борис Трајковски“

-Не успеавме да ѝ парираме на Јапонија. Пак доаѓа до моето мислење дека ракометот кој се игра надвор од Европа ни е проблематичен. И со Јапонија и со Нигерија и со Бахреин не може да парираме со брзина. Сега, ако барам каде е вината… не знам. Ние во Македонија немаме ракомет на брзина, на техника.  Почнуваме од основните работи, не можеме тркачки и технички да парираме. Имаме проблеми со техничката и брзинската подготовка. Противникот беше трипати побрз од нас. Технички, беа доведени до совршенство. Ние сме научени на европски ракомет, малку побавен шаблонизиран. Ние во Македонија играме шаблонизиран ракомет, учиме акции и комбинации, да се знае каде е блокада, каде е вишокот. Кај неевропските селекции гледам друг начин на ракомет. А, ние немавме ниво да ѝ парираме на Јапонија, изјави Брестовац по натпреварот.

Распоред и сатница на осминафиналните натпревари – утре играат: 14:00 часот:  Аргентина – Германија (Борис Трајковски); 14:00 часот:  Египет – Словенија (Јане Сандански); 16:15 часот: Исланд – Јапонија (Борис Трајковски); 16:15 часот:  Хрватска – Унгарија (Јане Сандански); 18:30 часот: Данска – Тунис (Борис Трајковски); 18:30 часот: Франција – Норвешка (Јане Сандански); 20:45 часот: Португалија – Македонија (Борис Трајковски); 20:45 часот: Шпанија – Шведска (Јане Сандански).