Издвоени 760.000 денари за заловување кучиња скитници

116

Заврши тендерот што го објави Општина Куманово за заловување кучиња скитници на годишно ниво, за што од буџетот, Куманово одвои 760.000 денари без данок на додадена вредност, информираа денеска од секторот за инспекциски надзор. Тендерот го доби АД Ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“.

– Заловувањето почна да се спроведува согласно планот, така што првин се заловуваат кучиња скитници од централното градско подрачје, а потоа и од приградските населби, изјави комуналниот редар, Гордан Таневски од секторот за инспекциски надзор.

Последниве денови заловени се околу дваесетина кучиња скитници.

Општина Куманово со години наназад спроведува годишен тендер за заловување на кучиња скитници. Изведувачот е должен да ги залови кучињата, вакцинира, да ги смести во прифатилиште и да ги чипира и да спроведе акции за вдомување.

Кучињата потоа се враќаат на локацијата каде што претходно биле заловени.

Со минатогодишниот тендер заловени се околу 250 кучиња.

Од секторот информираат дека сè уште несовесни граѓани оставаат миленици на различни локации во градот.

-И граѓани пријавуваат дека на некои локации на влезот од градот се остава поголем број на кучиња скитници, изјави Таневски.