Грција ќе нè спаси и ќе ни испорача гас, само ако Русија не ѝ стави забрана

Македонија е целосно зависна од рускиот гас и затоа мора да ги подобри односите со Русија и да почне да го плаќа гасот во рубљи, коментираат експертите. Дотогаш, како што велат, треба да се надева на милост на соседите, особено на Грција, која е во добри односи со Русија и која преку Бугарија може да нè снабдува со гас. Надлежните велат дека се подготвени и имаат соодветни алтернативи за секаква одлука што би можела да се донесе

219

Грција ќе плаќа гас во рубљи и ќе им помогне на Бугарија и на Македонија, само ако Русија не ѝ стави забрана. Руски „Газпром“, пред два дена, одлучи да го секне гасот кон Бугарија, бидејќи државата одби да плати во рубљи. Надлежните смируваат и уверуваат дека засега има гас, а има и алтернативи доколку Русија донесе одлука да забрани извоз на природен гас за земјава. И експертите коментираат дека засега има гас, но доколку дојде до прекин, мора да се надеваме на помош од соседите. Но, како што велат, загрижува фактот што Бугарија не гарантира сигурна испорака на гас кон Македонија.

– Ние нема да имаме проблем со гасот, бидејќи Грција ги зачува добрите односи со Русија. Грција не е на руската „црната листа“ и може да обезбеди гас за Бугарија и за Македонија. Доколку Русија не ѝ забрани, Грција може да набавува и да испорачува гас до Бугарија и до Македонија. Меѓутоа, во договорот може да стои клаузула дека не смее да испорачува гас на „непријателските земји“, во тој случај нема да може да добиваме руски гас. Но, Грција може, ако сака, да набави гас од Кипар или од Азербејџан, кој е поскап и кој ќе ги чини повеќе бугарските, а индиректно и македонските граѓани и фирми – изјави енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Според него, во моментов немаме алтернатива и мора да бараме начини како да ги подобриме односите со Русија за да осигуриме долгорочно снабдувањето со гас.

Земјава во моментов е целосно зависна од рускиот гас, бидејќи има само еден интерконектор со кој нашиот гасоводен систем е поврзан на бугарскиот гасовод преку кој засега се транспортира само гас од Русија. Но, ситуацијата е комплексна и не се знае каква одлука може да биде донесена во наредните денови. Надлежните велат дека се подготвени и имаат соодветни алтернативи за секаква одлука што би можела да се донесе.

Министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека ќе нема проблеми со испораката на гасот и оти од наша страна, сите обврски биле намирени.

– Не смее тоа да го направи, согласно со договорот и потребата на цевководот. Имаме количества кои се одредени за потребите на земјава и преносната мрежа мора да функционира. Тоа значи дека ако Руската Федерација не донесе одлука за прекин на испорака на природен гас во Северна Македонија, испораката треба да се одвива во континуитет и редовно – рече Бектеши.

Нагласи дека прекуграничните количества во интерконекторот со Бугарија се резервирани до 2030 година од страна на „Газпром“.

Во случај да се раскине договорот меѓу „Бугартрансгаз“ и „Газпром“ во делот на прекуграничните количества кои се резервирани во нашиот интерконектор и во другите интерконектори во Република Бугарија, тогаш слободно можеме да увеземе природен гас и преку интерконекторот што го има Република Бугарија со Република Грција, кој е поврзан на гасоводот ТАБ и обезбедува гас од Азербејџан.

Според универзитетскиот професор Константин Димитров, ако македонските компании најдат начин, преку разни канали да продолжат да го плаќаат гасот во руски рубљи, снабдувањето ќе биде непрекинато. Во спротивно, проблеми ќе има.

– Секоја валута е на располагање и може да се купи во зависност од тоа колку државата има потреба од неа, односно во зависност од тоа колку тргуваме со таа држава. Не може да ја изгубиме индустријата и ќе мора да го плаќаме гасот во рубљи. Проблемот е што не може толку брзо рускиот гас да се замени со американскиот течен гас. Потребни се четири-пет години за да се направат примени станици – вели Димитров.

И најголемите европски увозници на гас се подготвуваат да се согласат со барањето на рускиот претседател Владимир Путин да го платат гасот во руски рубљи.

Претходно, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека тој руски потег претставува „уцена“.

Критичарите велат дека таквиот потег ќе ги поткопа европските санкции кон Русија, како и единството на Европската Унија, и на крајот ќе одлее милијарди во руската економија.

Големите дистрибутери на гас во Германија, Австрија, Унгарија и во Словачка планираат да отворат сметки во рубљи кај Газпромбанк во Швајцарија за да го исполнат барањето на Русија за плаќање на гасот во рубљи.

Во оваа група спаѓаат двата најголеми увозника на руски гас – германскиот „Унипер“ и австриската ОМВ.

(А.С.)