Во рамки на проектот „На патот“, на локалната акциска група „АБЕР 2015“, финансиран од Швајцарската амбасада, уметниците од кумановско изработуваат дела кои го промовираат природното и културното богатство на регионот, информираат надлежните.
Академскиот сликар Дејвид Стоилкововски – Дејс ја уреди руинираната автобуска постојка на местото „Света Петка“, една од првите контактни места на туристите кои патуваат кон Кокино и црквата „Свети Ѓорѓи“, на подрачје на општината Старо Нагоричане во близина на магистралниот пат кон Бугарија и граничниот премин Свети Прохор Пчињски.
Идејата на проектот е да се даде поддршка на уметниците и да се развие свеста кај локалните власти и бизнис заедницата дека можат во голема мера да го искористат креативниот потенцијал на уметниците и заедно да го направат кумановскиот регион поубаво место за живеење.
– Руинирана и стара, автобуската постојка долго време го нагрдуваше околниот пејзаж и со ништо не ги мамеше туристите да претпостават какви убавини и споменици крие овој крај. Токму затоа, ние ја одбравме како место на кое што проектот ќе дејствува. Академскиот сликар Дејвид Стоилковски – Дејс се потруди врз неа да го остави својот уметнички печат, претворајќи ја грдата постројка во уметничко дело насловено „Весела станица“, кое сега претставува портал кон културното наследство и скриените уметнички вредности на нагоричкиот крај – вели директорот на проектот, Дејан Ѓорѓиевски.
Од ЛАГ „АБЕР 2015“ се надеваат дека оваа интервенција ќе ги поттикне сите чинители да воочат како со минимални средства и време може да се продуцираат значајни и ефектни продукти кои го разубавуваат регионот. Сметаат дека со реализацијата на проектот ќе придонесат во креирањето на нов, модерен, уметнички лик на Куманово и околината, ќе им дадат можност на уметниците и креативците да изработат дела кои ќе бидат поставени надвор од галериите, достапни до граѓаните.