Политичка платформа “Македонски концепт“ – реалност или утопија?

210

Неколку месеци пред парламентарните избори, на македонската политичка сцена се јави ново движење, Македонски концепт, во чија основа е обединување на сите граѓани што сакаат нормална држава, каде секој ќе се чувствува рамноправен, без разлика кој е на власт, каде длабоките поделби во нашето општество ќе бидат минато.

– Време е политичките партии да се борат со проекти и идеи, а не само со омаловажувања, црни кампањи, бомби, ситуација која изминативе години, независно кој е на власт, а кој опозиција, се повторуваат и ја продолжуваат агонијата во која сме сите заедно. И оние кои се во власта, но и оние кои ги бранат позициите на владите од минатото, треба да знаат дека македонскиот народ може да биде излажан еднаш или двапати, но нема да трпи да го лажат вечно, вели еден од активистите Сашо Лазаровски, член на ВМРО ДПМНЕ.

Поддршка за Македонски концепт има од неопределени, но и членови на партиите кои го разбираат концептот како шанса за подобра Македонија.

Арменд Нухиу, на коцептот гледа како на понуда е да македонците да станат една нација, современа европска нација.

-Понудата  еден народ и помалку важни малцинства, чии застапници, повеќе или помалку, беа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е веќе минато.  Таа политичка програма е отворена книга, на која можеме на албански јазик да го запишеме најдоброто од нас. Да ги предложиме најдобрите проекти и идеи за развој на целата држава. Да ги понудиме на граѓаните, а одлуката е нивна. На сите граѓани на Македонија, зашто граѓанскиот концепт е единствен кој ги надминува стериотипите од Балканот. Сиромаштијата заеднички ја споделуваме и Албанците и Македонците. Редно е братски да одработиме и сите заедно да живееме во благосостојба, вели Нухиу.

Петар Богојески додава дека Македонскиот концепт ги обединува сите, без разлика на припадност, заедно да се работиво интерес на заедничката иднина.

-Поаѓаме од идеалот на револуцијата „Македонија на Македонците“. Под „Македонци“ ги подразбираме сите граѓани на македонската Република, кои искрено и недвосмислено ја поддржуваме нејзината државност. Сите ние сме дел од современата државотворна македонска нација. Компромисот ќе го постигнеме само доколку сме согласни сите да направиме одредени отстапки во име на заедничката иднина. Првата жртва на сите нас треба да биде етно национален  патриотизам, коj е исклучив и нашите сограѓани, од другите етнички заедници, го чувствуваат како обид за асимилација. Тој се напушта како застарен и надминат. Со тоа во минатото го оставаме и советскиот концепт на народи и народности, вулгаризиран во македонскиот Устав како „еден народ и делови од други народи.“ Тоа е дезинтегрирачки фактор во македонското општество, кој генерира внатрешни судири, како таков е препознаен за антидржавен, а согласно врвната вредност – државност, се отфрла и заменува со државен патриотизам во граѓанска држава на современа граѓанска нација. На тој начин, максимата „Македонија на Македонците“, ја добива својата суштина, а тоа е „Сите сме чеда на Македонија, појаснува Богојески. На прашањето дали со оглед на моменталната политичка сцена, ваквиот концепт е утопија, Богојески вели, напротив- тоа е иновативен пристап во политиката во форма на граѓански активизам кој подготвува програма, понуда и стратегија за промоција .

-Не е утопија. Утопија се желбите на лидерите на двете најголеми политички партии: Мицкоски да го реставрира груевизмот, а Заев да продолжи со неговите политики. Ние го истакнуваме она кое сите нас нè обединува, апстрахирани од тесните етнички, религиозни или партиски определби, а тоа е нашата заедничка иднина во нашата заедничка држава. Сите на рамноправни основи, но со иста идеја – поддршка за државноста на Македонија, нагласува Богојески.

Во статутот на Македонски концепт е од Македонија да направат „нормална држава“ каде правото ќе функционира и ќе важи подеднакво за сите, без разлика на политичката или етничката припадност. Активистите велат дека имаат поддржувачи низ цела Македонија и функционираат на ниво на регионални тимови во осумте развојни региони.