Кошаркарите на МЗТ Скопје стартуваа одлично во регионалната АБА2 лига, откако славеа над еден од фаворитите за освојување на ова натпреварување, тимот на Младост Земун со 97:90, во рамки на 1. коло во „балонот“ кој се игра на Златибор. Со оваа победа тимот од Аеродром воедно му се реваншираше на српскиот тим за поразот во плејофот од минатата година.

Актуелниот македонски кошаркарски шампион во текот на целиот меч го контролираше резултатот и на крајот сосема заслужено дојде до триумфот, за голема радост во таборот на „металците“.

  • Мило ми е што со победа го отворивме турнирот, особено против ривал како Младост, кој е еден од најсилните во АБА2 лигата. Очекував ваков доста физички меч, динамична игра на двете страни. Добро се подготвивме, имавме контрола во текот на сите 40 минути и заслужено победивме. Морам да сум задоволен, имавме голем број офанзивни скокови и поени од контра-напад, нешто на што инсистирав во подготовката за мечот. Секако има простор за напредок и ќе ги отстраниме проблемите со кои се соочивме на периоди во овој дуел, истакна по натпреварот тренерот на МЗТ, Дарко Радуловиќ.

Најзаслужен за оваа победа беше Дамјан Робев со 30 поени, а одлична партија имаше и Немања Милошевиќ со 20 коша.

МЗТ Скопје утре во 21 часот ќе го одигра и вториот меч на Златибор, а за противник ќе ја има Рогашка.

  • Ни беше важно што отворивме со победа, па на дуелот со Рогашка ќе влеземе со поголема самодоверба, со желба да се стигне до нов триумф, додаде Радуловиќ.