Глобалниот долг достигна 300 билиони долари, секој жител должи по 37.500 долари

81

Вкупниот глобален долг достигна околу 300 билиони долари, а оваа огромна сума претставува 353 отсто од глобалниот БДП, покажуваат податоците за вториот квартал од оваа година. Сепак, тоа е подобрување во однос на првиот квартал кога глобалниот долг изнесуваше 362 отсто од БДП. Тоа би значело дека секој жител на планетата должи во просек по 37.500 долари.

Вкупното ниво на долг, што ги вклучува државниот долг, долгот на домаќинствата и долгот на корпорациите и банките, се зголеми за 4,8 билиони долари до крајот на јуни. Најголем дел од овој долг е државен или национален долг. Ова е нето акумулацијата на владините буџетски дефицити, односно вкупната сума што владите им ја должат на доверителите, пишува Бизнис.рс.

Кога станува збор за земјите со најголем долг во однос на нивниот БДП, Јапонија е на прво место со дури 235 отсто од долгот. Јапонија должи повеќе од 13.000 милијарди долари, според ММФ. Иако САД имаат речиси 29.000 милијарди долари национален долг, тоа е нешто помалку од 134 отсто од БДП на земјата, па нивниот долг е поодржлив.

Долгот на Грција од 379 милијарди долари изгледа речиси незначителен во однос на оној на Соединетите држави, но претставува повеќе од 210 отсто од БДП. Следна земја на Европската унија со најголем национален долг во однос на БДП е Италија, која должи повеќе од 3.000 милијарди долари, што е речиси 135 отсто од БДП на земјата.
Според податоците пред пандемијата, Франција должела 2.900 милијарди долари, а во меѓувреме таа сума несомнено е зголемена. Долгот на Франција изнесува повеќе од 98 отсто од БДП. Германија должи повеќе од 4,3 билиони долари, што претставува околу 72,5 отсто од БДП на најголемата економија во Европа. Според прогнозите на експертите, нивото на долгот на Германија кон БДП следната година ќе биде помало од 70 отсто.

Втората економија во светот – Кина, имаше национален долг од нешто помалку од 9.000 милијарди долари пред пандемијата, што е 54,4 од бруто домашниот производ. Сепак, трендот на раст на кинескиот долг во однос на БДП е неповолен, бидејќи во 2014 година изнесуваше околу 41,5 отсто.

Русија има околу 216 милијарди долари национален долг, или помалку од 19,5 отсто од БДП. Русија е деветта на листата на најмалку задолжени земји во светот. Според податоците од минатата година, Велика Британија должи околу 3.000 милијарди долари, што е повеќе од 85 отсто од БДП на земјата. Со оглед на Брегзит и пандемијата, треба да се очекува дека британскиот долг во меѓувреме ќе порасне.

Србија должи повеќе од 27 милијарди долари, што е релативно малку во однос на претходно споменатите износи, но државниот долг на Србија е речиси 59 отсто од БДП. Според оценката на порталот VisualCapitalist, во земјите чиј долг надминува 50 отсто од БДП, задолжувањето се смета за воспоставена практика.

Хрватска, која е членка на ЕУ, имала повеќе од 47,5 милијарди долари долг или 73,2 отсто од БДП. Долгот на Словенија, исто така членка на Европската унија, пред почетокот на пандемијата изнесуваше 38,68 милијарди долари, што претставува повеќе од 66 отсто од БДП. Државниот долг на Босна и Херцеговина минатата година беше измерен на 7,28 милијарди долари или 36,72 отсто од БДП.

Во Северна Македонија, државниот долг на 30.09.2021 година изнесуваше 5,9 милијарди евра, или 51,1 отсто од БДП, покажуваат податоците на Министерствот за финансии. Јавниот долг, пак, годинава се очекува да биде 63,5 во однос на БДП, што е помалку од првичнитите проекции спред кои се очекуваше 65,9 отсто од БДП.

Откако минатата недела беше одобрена третата транша од заемот од ММФ во износ од 700 милиони долари, Украина се проби на третото место во светот по обемот на акумулираниот долг кон ММФ, а Аргентина и Египет се пред неа.