Ги извадија неонките и ставија лед светилки, а се платени како да менувале фарови на „мерцедес“!

446

– Во аранжман на директорот Ѓоко Трајчевски за износ од 36.500.000 денари беа сменети светилки кои се набавени по енормно покачени цени кои се граничат со неверување! Сменија неонки и ставија лед светилки, а се платени како да менувале фар-светла на „мерцедес“, велат дуќанџии од ГТЦ и потенцираат дека се работи за скапи светилки кои небаре се од суво злато и го обвинуваат раководството за непотребно трошење пари, кога истите можат да се најдат и по пониски цени. Директорот Трајчевски ги демантира обвинувањата и вели дека со над 2.000 нови лед светилки ќе имаат месечна заштеда од 400.000 до 600.000 денари, а пресметано по години инвестицијата од 31 милион денари би се вратила за 4 години

 

Дуќанџии од АД „ГТЦ“ реагираат на тендерот oд 20.12.2019 година распишан од Управата на градскиот трговски центар, за осветлување на објектот со лед светилки. Тие велат дека се работи за скапи светилки кои небаре се од суво злато и го обвинуваат раководството за непотребно трошење пари, кога истите можат да се најдат и по пониски цени.

– Во аранжман на директорот Ѓоко Трајчевски за износ од 36.500.000 денари беа сменети светилки кои се набавени по енормно покачени цени кои се граничат со неверување! Сменија неонки и ставија лед светилки, а се платени како да менувале фар-светла на „мерцедес“ – велат дуќанџии од ГТЦ.

Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски во изјава за весникот ВЕЧЕР ги демантира обвинувањата.

– Дуќанџиите самите бараа да се осветли ГТЦ, се жалеа било темно, еве сега, не да свети, блеска. А тоа што реагираат дека било скапо е тотална невистина –  тврди Трајчевски.

Тој вели дека сега осветлени се гаражата, сите пасарели, ходници низ ГТЦ, економската сообраќајница која служи за дотур на стока, јадрата и целата дирекција на ГТЦ.

– Се работеше седум до осум месеци – изјави Трајчевски.

Според него, задолжена за тоа била фирмата „Винт“ од Скопје од каде се набавени лед светилките и која добила на тендерот. Договорот со оваа фирма бил склучен на 17.02.2020 година. Притоа, поставени се над 2.000 светилки, а склучениот договор бил во вредност од 31 милион денари. Што значи дека една лед светилка би чинела околу 15.500 денари. Според понудите што можат да се најдат на интернет, цените на лед светилките се движат од најевтините од по 100 денари, до најскапите од 15.999 денари кои сега се намалени на 11.999 денари.

Трајчевски вели дека со поставувањето на лед светилките ќе имаат голема финансиска заштеда.

– Претходно, ГТЦ беше осветлен со флуоресцентни цевки-неонки и сите не функционираа, бидејќи имавме голема потрошувачка на електрична енергија. Според пресметките, месечно се трошеа 45.000 киловат-часови електрична енергија, а со лед осветлувањето се трошат 15.000 киловат-часови електрична енергија. Тоа во пари изразено месечно значи дека ГТЦ со лед светилките ќе има заштеда од 400.000 до 600.000 денари. Пресметано по години, тоа би значело дека инвестицијата би се вратила за 4 години – објасни Трајчевски.

Тој појаснува дека во самата спецификација на тендерот навеле дека бараат квалитетни светилки кои ќе имаат ИП заштита што, според него е многу битно, бидејќи ГТЦ е отворен објект и е изложен на надворешни влијанија, како што е влага. Освен тоа барале и поголема гаранција.

– Побарав две до три години гаранција за лед светилките. Претходно, секоја година објавувавме тендер за неонки, а тој нè чинеше од 500.000 до 600.000 денари, а сега нема да мораме да објавуваме секоја година и со самото тоа имаме заштеда – потенцира Трајчевски.

(А.П.)