ГЕРБ на Борисов бара министерски оставки за несреќата во која загинаа 46 луѓе

269

Бугарската партија ГЕРБ побара транспарентна истрага за инцидентот на автопатот Струма, а претседателот Румен Радев да побара оставки од министрите. Ова на прес-конференција го соопштија од името на партијата Десислава Атанасова и Александар Иванов.

Партијата смета дека треба да се прогласи ден на жалост во Бугарија и Република Северна Македонија.

Атанасова и Иванов изразија сочувство до сите роднини на жртвите и надеж за брзо закрепнување на преживеаните.

-На овој ужасен ден, сметаме дека се длабоко погрешни сите обиди за политички инсинуации и сугестии дека причината за несреќата на автопатот Струма е во трасата на патот и коловозот, посочени од градоначалникот на Перник и привремените министри.

Сите политичари треба да сфатат дека изборите завршија и ваквите изјави нема да ги вратат изгубените човечки животи. Мора да се гарантира транспарентна истрага, да се понесе одговорност, време е за понизност, рече Десислава Атанасова.

Таа смета дека претседателот Румен Радев треба да побара оставки од одговорните министри – транспорт, регионален развој и внатрешни работи.