Гала оперски концерт, ромски фолклор, Странци и… Скопко лето – четириесетто

324

Фестивалот Скопско лето веќе 40 години е обележје на градот кое ги задоволува вкусовите на сите оние коишто останале во топлото Скопје, што пак го потврдува и присуството на бројна публика од сите генерации. Програмата продолжува вечерва (24 јуни) во 21 часот со концертот на експлозивниот, енергичен и врвен Калашима бенд од Италија

Со гала оперскиот концерт на плоштадот “Мајка Тереза“ пред Националната опера и балет, во петокот вечерта, на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката и официјално стартуваше јубилејното 40. Скопско лето.

Оваа манифестација во организација на Дирекцијата за култура и уметност и овој пат покажа дека секогаш има голем интерес за културните настани во градот, па така вечерта голем број граѓани на Скопје, но и посетители од другите градови од државата, како и странски туристи беа привлечени од изведбата на најубавите оперски арии на отворено.

Столчињата пред бината очигледно беа малку на број, па настанот се следеше и на нозе, седнати на околните клупи, на велосипед, па дури имаше и голем број љубопитници и љубители на добрата музика кои седеа на скалилата.

Градоначалникот Петре Шилегов кој беше присутен на концертот посочи дека фестивалот веќе 40 години е обележје на градот кое ги задоволува вкусовите на сите оние коишто останале во топлото Скопје, што пак го потврдува и присуството на бројна публика од сите генерации.

Четириесетото издание кое досега на љубителите на културата веќе им понуди отварање на две изложби, ретроспективната на Глигор Стефанови и на фотографии и плакати за Скопско лето од Александар Кондов и Елизабета Кузмановска, уникатното искуство со концертот на светски познатиот Рајко- ромски фолклорен ансамбл од Унгарија чиј оркестарски репертоар на публиката и понуди многу жанрови од класичната до народната музика и од оперети до ромска музика, но и претставите “Дони Дарк“ (Театар Комедија) и “Странци “ (Драмски театар), најави богата програма.

“Организаторите и годинава во текот на 40 најтопли денови ќе се потрудат со богата програма којашто ќе содржи концерти, претстави, ликовни изложби, мултимедијални проекти, филмска програма, традиционалното кафе кино, како и програма за најмладите, да ја привлече публиката. Преку избор на различни и необични локации како што се Матка, Марков манастир, Водно, Старата скопска чаршија, Калето, Кејот на Вардар, Градски парк, плоштадите низ градот, старите маала, како и на веќе познатите простори за уметничка интерпретација, пак, фестивалот ја вади уметноста надвор од стандардните простори и ја прави подостапна за сите граѓани и трагачи по културниот туризам“, истакна Шилегов.

Концерт на експлозивниот Калашима бенд од Италија

Програмата продолжува вечерва (24 јуни) во 21 часот со концертот на експлозивниот, енергичен и врвен Калашима бенд од Италија во Кино Фросина. Шест пријатели израснати со мелодиите и хипнотичките ритми на магичниот ритуал на Таранта, повторно ја  изменуваат традицијата со дива мешавина на електронски и лисергични ритми и оригинални мелодии во фолклорен амбиент…Настапот во живо е моќен и полн со енергјаи вклучува повеќе традиционални и фасцинантни инструменти гајда, Шалмај, лаундрес (сардински троен кларинет), дајре хармоника, спектакуларно голема низа перкусии, фантсатични вокали и модерни инструменти (лап топи и синтисајзери, со цел да се создаде оригинален звук.