В недела од Валандово, на МТВ 1 финалната вечер на „Фолк-фест 2022“ со 23 нови македонски песни

194

Во Валандово, градот на калинката, деновиве се ужива во убавата македонска фолк-песна. По пауза од две години поради корона-вирусот, фестивалот оваа пролет се враќа во полн сјај. А, целата таа распеана атмосфера ќе ни ја доловат и камерите на МТВ 1 во директниот пренос од фестивалската сала на Домот на културата „Јанко Узунов“ (недела, 5 јуни, во 20:00 ч.). Меѓу пејачите што ќе се натпреваруваат на финалната вечер за наградите на публиката и на стручното жири, а наградите ќе бидат парични, се и популарните: Благоја Грујовски, Сузана Спасовска, Перо Христов, Ефто Пупиновски, Лени Партикова, Бобан Цаневски, Ташко Каранфиловски, Јовица Мицевски, Нино Величковски, Душко Георгиевски…. но и пејачот на забавна музика Ламбе Алабаковски, кој за првпат ќе пее фолк-песна.

Додека трае пребројувањето на гласовите, македонската фолк-дива Блага Петреска ќе ја забавува публиката со свој целовечерен концерт. И таа има испеано многу хитови на овој фестивал. Водители на фестивалот ќе бидат Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев. Организаторите, Општината Валандово и градоначалникот Перо Костадинов, порачуваат: „Дојдете да пееме, да другаруваме, по пауза од две години пак да му се радуваме на животот!“ (Д.М.)