Црногорскиот ракометен стручњак Веселин Вујовиќ, се соочува со најтешкиот период од својата кариера. Тој неодамна го загуби селекторското место во репрезентацијата на Словенија, само поради неговиот испад на тајм – аутот на тимот ППД Загреб. Вујовиќ беснееше кон своите играчи, а на еден од нив му порача  „да умре, за да не го гледа повеќе“. Тој играч беше словенечкиот репрезентативец Алекс Валх.

Ова беше доволна причина раководството на словенечката ракометна федерација  да му врачи отказ на 58-годишниот тренер. Последните неколку дена спортските медиуми во Словенија се полни со реакции во врска со црногорскиот стручњак, а една од нив е дека тој често игра покер со своите избраници и тоа за големи суми на пари.

  • Вујовиќ  обожава да игра покер, но не игра само за забава и релаксација, туку и за убави суми на пари. Секој што сакал да игра со него, морал да плати 300 евра за да влезе во игра, а со вакви практики се очекувал да создаде свој круг на популарни играчи. Оној кој не учествувал во игрите, Вујовиќ го казнувал со неговите контроверзни „тренерски техники“ на тренинзите и натпреварите, како во случајот со словенечкиот ракометар Алекс Влах. Играњето покер со „уцена“ често се случувало при подготовките на словенечката ракометна репрезентација, пишува „Нова24ТВ“.

На ваквите обвинувања веднаш следеше кус одговор од поранешниот тренер на македонскиот, еврпоски и регионален ракометен шампион Вардар.

  • Ова е катастрофа, првпат слушам за такво нешто. Не би сакал подлабоко да го коментирам, изјави Вујо.

Црногорецот на  ракометната јавност и е познат како контроверзен лик, и како играч, и сега како тренер. Неговиот темперамент повеќе му прави проблем кај играчите во обидот да го наметне својот авторитет.