Во црквите само по пет верници, велигденска литургија  на ТВ и Јутјуб

118

Православните верници најголемиот христијански празник Велигден ќе го слават дома, а свечените литургии од црквите и манастирите наместо во божјите храмови, ќе ги следат од дома на телевизија или, пак, на интернет. Благослов за ваквиот невообичаен начин на одбележување на Исусовото раѓање даде Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, поради вонредните услови предизвикани од светската пандемија и спречување на ширење на вирусот ковид-19, а согласно и најавата за продолжен полициски час за време на велигденските празници.

-Во оваа вонредна состојба го благословува и го смета за полезно медиумското пренесување на црковните богослужби од националните и локалните медиуми, како и на интернет ресурсите, пишува во официјалното соопштение на Синодот. Оттаму велат дека богослужбите нема да прекинат и црквите ќе бидат отворени за лични молитви на верниците, но дека во верските објекти ќе примаат најмногу до пет лица.

-Светите литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир. Со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците да пристапат кон Светата причест, на начин што е веќе востановен и утврден, се вели меѓу другото во соопштението.

Литургии на Фејсбук и на Јутјуб канал веќе практикуваат од монашката заедница на Бигорскиот и Раичкиот манастир кои ги следат голем број верници. Тие во коментарите под објавата ја поздравуваат оваа алтернатива на богослужење и препорачуваат ваквата практика да продолжи и по завршувањето на вонредните мерки. „Ја чувствуваме свечената атмосфера во нашите домови, каде и да сме низ светот, Ви благодариме“, е само еден од коментарите со поддршка.

Поради мерките за забрана за групирање поради епидемијата од корона вирусот, црквите во предвелигденските празници се празни. Сликата која ви ја прикажав на почетокот на март кога црквите беа полни со верници кои во првата недела од почетокот на постот, пред да почнат рестриктивните мерки, се причестија веќе е минато.

-На литургиите доаѓаат само одреден број на луѓе кои почитуваат меѓусебна оддалеченост. Се разбира, ја нема масовноста како порано. На богослужбите, на пример има само три-четворица, а сме имале најмалку по 50 луѓе, вели за весникот ВЕЧЕР  митрополитот Тетовско-гостиварски, владиката Јосиф. Додава дека во овој период кога сите мора да ја почитуваме социјалната дистанца, тој и неговите свештеници се во постојан контакт со верниците и им сугерираат да ги почитуваат мерките на Владата но, да читаат богоугодна литература и да не забораваат на молитвата.

Владиката преспанско-пелагониски Петар, кој, пак, преку весникот ВЕЧЕР  им препорача на верниците да ги почитуваат мерките за заштита, но не мисли дека е добро молитвите да се одржуваат преку социјалните мрежи или пак на Јутјуб канал во живо. На прашањето дали литургиите на социјалните мрежи можат да бидат замена за стандардните литургии во црква, само кратко коментираше: „Не треба да се прави театар од црквите“.

-Многу е важно во овие многу чувствителни денови да извлечеме поука, да умееме да го поттикнуваме најдоброто во нас и најдоброто кај другите, да си проштеваме и да се почитуваме. Да си помагаме и да се поддржуваме. Во се што правиме. Да бидеме солидарни, хумани, праведни… да се навратиме на она што секој еден од нас го направил за своето семејство, за своите пријатели, за своите соседи, за своето општество, за својата држава, вели владиката Петар за весникот ВЕЧЕР.

Од друга страна, пак, на социјалните мрежи се рашири повик до верниците, во сабота на 18, април, пред Велигден во 23 часот сите да излезат на своите прозорци и со свеќа в раце да го дочекаат Христовото воскресение. А на полноќ, со почеток на биење на камбаните сите во еден глас со песна да се пренесе радоста. Повикот е и до МПЦ-ОА да се приклучи со вршење богослужба во сите храмови на разглас.

Православните верници на 2 март годинава почнаа со Големиот пост што ќе трае до 18 април, а тоа освен воздржување од мрсна храна значи и духовно исцелување и молитви со посета на црквата, исповед и света причест што годинава се прави со рестрикции поради пандемијата од корон вирусот. (Е.А.)