Во функција три пункта за дезинфекција на возила во Крива Паланка

98

Во општина Крива Паланка се поставени и ставени во функција три пункта за дезинфекција на возила на влезовите и излезот од општината и клучката со магистралниот пат А2, Куманово-Крива Паланка кој воедно е дел од магистралата од Коридор-8, која води и кон граничниот премин со Репблика Бугарија, Деве Баир.

Од локалната самоуправа посочија дека ова е дополнителна заштита на сите кои влегуваат и излегуваат од Крива Паланка поради секојдневните обврски, пред се добавувачи на храна, хигиена и лекови, како и автопревозниците.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски уште еднаш апелираше граѓаните кои патуваат со моторни возила, задолжително, покрај дезинфекција на овие пунктови, да вршат и сами редовна дезинфекција на сопствените возила, но и да ги почитуваат сите останати препораки од Владата и Министерството за здравство.

Досега кај две лица, жители на Крива Паланка е потврден вирусот Ковид-19, а двата случаја се лица кои престојувале во Државниот завод за рехабилитација – Козле, во Скопје.

Кај едното лице, прв случај на Ковид-19 во Крива Паланка вирусот бил потврден за време на неговиот престој во „Козле”, по што е префрлен на Инфективната клиника, додека другото лице е тестирано и пуштено во домашна изолација, а резултатите покажале дека е позитивен. Ова лице се наоѓа во домашна самоизолација, а вчера, градоначалникот Мицевски и лица од ОО Црвен крст му доставиле пакети со храна и хигиенски средства.