Во три зони во Битола место за паркинг може да користат околу 26.000 возила

212

Општина Битола е основач на повеќе јавни претпријатија, општински установи и институции, а во 2019 година формира Јавно претпријатие за изградба и одржување јавен простор за паркирање и уредување и организирање јавен локален превоз на патници во Општина Битола, кое сите го нарекуваат ЈП за паркинзи – Битола.

За прв директор на претпријатието беше избран Зоран Дојчиновски, дипломиран машински инженер, кој на таа позиција дојде од местото технички директор на ЈП „Комуналец“ – Битола, како солиден познавач и со 18-годишно работно искуство во локалната самоуправа.

Според Дојчиновски, довербата дадена од градоначалничката Наташа Петровска, освен предизвик, е и одговорност за успешна реализација на општинскиот проект.

– На подрачјето на Општина Битола режимот на сообраќај за зонско паркирање или системот на паркирање се одвива во три зони во кои место за паркинг може да користат околу 26.000 битолски возила, не сметајќи ги возилата на гости во градот, а тоа, според Дојчиновски, не е доволно во однос на побарувачката за паркинг-место. Првата или зона А е организирана во девет подзони и три затворени паркиралишта со вкупно 589 места за паркирање, а од нив 19 се за инвалидизирани лица. Во зона Б има осум подзони, а вкупниот број места за паркирање е 562 од кои девет места се наменети за инвалидизирани лица и во третата Ц-зона има 185 паркинг-места од кои три места се наменети за инвалидизирани лица. Во оваа зона е и паркинг-просторот кај спортската сала со вкупно 175 паркинг-места за патнички автомобили, 6 места за инвалидизирани лица кои користат автомобил, 22 места се за комби-возила и 17 места за паркирање автобуси – вели Дојчиновски.

На територијата на Општина Битола има околу 26.000 возила и според него, овој број на паркинг-места делумно ги задоволува потребите на граѓаните.

– Во 2020 година наша главна цел е да обезбедиме паркинг-места на нови локации. Планираме изградба на нови паркинг-простори од затворен тип на улица „Борка Левата“ кај поранешните бараки на УЈП – Битола, кај улицата „Лазо Трповски“ близу Широк сокак, како и кај улиците „11 Март“ и „Св. Наум“ спроти стоковната куќа „Јавор“. Покрај наведените активности Јавното претпријатие ќе се насочи кон решавање на проблемот со паркирање возила пред паркинзите на колективните згради и улици во делови на зонското паркирање, со воведување повластена паркинг-карта за резидентен паркинг, односно паркинг наменет исклучиво за станарите – вели директорот Дојчиновски и додава дека ЈП за наредната година има намера да отвори „Пајак-служба“.