Веднаш до селото Батинци, далеку од градскиот метеж, во навидум обична куќа е сместен Рето центарот „Надеж“ кој им помага на лицата кои се навлекле во канџите на дрогата, но и другата зависност која исто така е порок, а тоа е алкохолот.

Пријатно расположени и насмеани, топло нè пречекаа домаќините. Благојче Пишмановски, волонтер од Битола кој им помага на овие лица, а и самиот пред повеќе години имал проблеми со дрогата ја започна приказната за овој центар.

– Сè започнало во Шпанија во 1984 година каде бил отворен ваков центар. Управител и одговорен на центарот е Шпанец, Гијермо Перез. Центарот во Батинци е отворен во 2006 година и има за цел да им помогне на лицата кои имаат проблем со дрогата, но и со алкохолот. Тие овде не се лекуваат со лекови, или со метадонска терапија, туку на сосема природен начин, станувајќи корисни за општеството и за себеси – вели Пишмановски.

Тој вели дека околу осуммина, вклучувајќи го и него, и самите поминале низ трнлив пат, но сега гордо чекорат низ животот и им помагаат на зависниците од наркотични средства , но и од алкохол.

– Оние што сакаат доброволно ни се обраќаат на нашите телефонски броеви: 071/ 265-722 и 02/2722-517. Пробуваме со нив да оствариме средба, да им ги објасниме правилата, пред сè, за да видат дали се подготвени на ваков начин на лекување. Доколку личноста прифати, закажуваме термин за пристигнување – истакна  Пишмановски.

Тој додаде дека потоа со нив се разговара за да се види каков проблем имаат, па според тоа и да се утврди на каков начин може да им се помогне.

– Сите ние кои работиме како волонтери сме биле поранешни зависници и сме поминале низ тоа. И нам ни помогнале и знаеме како сега се чувствуваме, па сега и ние сакаме да ги извлечеме останатите. Тоа го правиме така што со оној што ќе се согласи да дојде кај нас, постојано има човек кој го викаме „сенка“. Тој постојано го следи и не го остава сам. Разговара со него, му дава она што му е потребно. Ние не им помагаме со таблети, туку со чаеви, со туширање и со прошетки, на природен начин, за кој знаеме дека помага да се надмине кризата –  вели Пишмановски.

Во Центарот има правила, се знае кога се станува, кога е појадокот, има ред. Некој подготвува оброк, некој ја чисти куќата.

– Прво што се прави по појадокот се состаноците на кои се говори за Библијата и за Господ. Ние сме христијански центар. Никој не е присилен да верува во тоа, но тоа е дел од програмата – објаснува Пишмановски.

Во овој центар се помага бесплатно и на тој начин им се дава можност да се лекуваат не само оние што имаат пари, туку и оние кои немаат доволно.

– Треба само да се има желба и ништо повеќе – дециден е Пишмановски.

Тој вели дека кога ќе се помине првиот период, кога постојано се со нив, почнуваат со работа. Имаат столарска работилница, но и за поправка на бела техника. Освен тоа, имаат и продавница каде поправените работи ги продаваат, но и нивни отпад кој се рециклира.

– Граѓаните ни даваат стар мебел, ние го преземаме лично и му правиме мали поправки, а белата техника и да не е исправна ја носиме во отпадот и ја рециклираме, а потоа во депонија. Оние што можеме ги поправаме. На тој начин се финансираме. Освен тоа луѓето ни даваат и стара облека и таа ја продаваме во нашата продавница која се наоѓа спроти куќата – информира Пишмановски.

Одвреме-навреме и фирми им даваат донации, на пример леб, па макар и да не е тазе, тие го подгреваат.

Луѓето за овој центар дознаваат од Златна книга, каде има оглас со телефонски броеви, а и самите штитеници носат флаери по населбите, па така луѓето дознаваат еден од друг.

Во моментов, во центарот има 22 лица, а се планира на горниот кат каде е столарската работилница да се направи соба за да може да се зголеми капацитетот.

Собите се опремени со кревети, а во куќата има и дневен престој, но и трпезарија каде сите се собираат на појадок, ручек и вечера, кои сами ги подготвуваат.

Пишмановски вели дека да се влезе во канџите на дрогата е многу полесно, отколку да се излезе од нив. Тој самиот го искусил тоа. Пред 26 години го имал тој проблем.

– Околу 15 години бев под тешки дроги, но сега сè е сменето. Прв пат бев во ист ваков центар во Белград. Тогаш имав само 23 години. А со дрогата започнав уште како дете – пубертетлија кога сè те интересира. На 15 години бев под лесна дрога, марихуана. Како поминуваше времето, сè повеќе се навлекував. Земав таблети, тие ме расположуваа, и веќе на 19 години се најдов во затвор. Кога излегов од затвор како да немав граници за забранети работи, па почнав со хероин, ме опушташе. Потоа, за неколку години увидов дека сум заглавил – се потсетува Пишмановски на трнливиот пат низ кој минал.

Но, Пишмановски вели дека не било воопшто лесно. Тој се обидувал да се извлече. Два до три месеци останувал чист, но потоа повторно се враќал на дрогата.

– Си велев некој и тоа мора да биде. За овој вид центар слушнав во 2002 година, а во 2006 година по сопствена волја, но и по настојување на мојата мајка отидов во центарот во Белград, а во 2016 година во Рето центарот „Надеж“ во Батинци –  раскажува за себе Пишмановски.

Него го импресионирал односот на луѓето во Центарот кон него кога дошол.

– Можев да видам луѓе кои се грижат за мене и кои беа ведри и насмеани, иако воопшто не ги познавав. Се чудев како можат тоа да го прават Тоа ме поттикна да издржам и да сфатам дека може да си го сменам животот, да увидам дека има излез – истакна Пишмановски.

На почетокот иако се станува во 6 часот, тој бил безволен, под депресија, но оние што биле задолжени да му помагаат биле со него 24 часа и биле пример дека може да сè да се надмине.

– Кога ми го раскажуваа својот пример, тогаш сфатив дека јас не сум ништо во однос на нив. Првите 15 дена беа малку потешки, имав големи кризи. Но, веќе по тој период сè беше полесно. Почнав да влегувам на состаноците. Луѓето беа искрени со мене и сакав да знам и видам што им помогнало, а сето тоа имаше ефект и врз мене – потенцира Пишмановски.

Тој веќе 14 години живее без никаков порок.

– Денес имам нов живот и тоа сакам да го споделам со другите, да видат дека има излез од сето тоа – дециден е тој.

Лицата кои престојуваат во центарот можат неограничено да останат во него.

– Ние им советуваме дека резултати има доколку се овде од 8 месеци до 1,5 година. Мора да помине подолго време, за еден месец тоа не поминува. Но сепак, нивна е одлуката кога ќе си одат – вели управителот Перез, кој научил да говори македонски.

И самиот тој вели дека бил зависник, но сега е сосема добро, дури има и сопруга, а има и своја куќа во близина на центарот.

Во центарот се рехабилитираат лица од повеќе градови во Македонија: Битола, Струмица, Куманово.

(А.П.)