ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА ПРЕСУДИТЕ ЗА „РЕКЕТ“-Давидовиќ: Многу неверојатно е што ваков судски процес заврши со само тројца обвинети!

Уште еднаш се потврди дека судството и обвинителството има клиентелистички однос кон власта и точно знае до каде може да испорача без при тоа да и наштети на партијата. Ние немаме правен систем и вистински луѓе поставени на прави места, изјави за весникот ВЕЧЕР адвокатот Давидовиќ. Политиката, додава, е до толку навлезена во сите пори на општеството и на очиглед на работите е легло на криминал

264

Каков ќе биде епилогот на предметот „Рекет“ ќе се знае за две недели, односно на 18 јуни, кога судот ќе ја изрече пресудата за обвинетите Бојан Јовановски-Боки 13 шоумен и неформален сопственик на 1ТВ и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Во овој случај осуден е Зоран Милески-Кичеец, кој уште на првото рочиште призна вина и за тоа доби 3 години затвор.  Правосилноста на пресудата, тој  ја чека од слобода, со оставена гаранција.

Боки 13 се товари за перење пари и примање награда за противзаконско влијание, додека Јанева се гони за злоупотреба на службената положба и овластување.

Судењата за предметот почнаа на почетокот на декември минатата година, а истрагата Обвинителството за гонење организиран криминал ја отвори неколку месеци претходно, на 15 јули по пријава од бизнисменот Орце Камчев. Според обвинението, Јовановски и Милески зеле милион и пол евра од Камчев за да му ја олеснат положбата во случајот „Империја“, додека Јанева зела 50 илјади евра и гарнитура вредна пет илјади евра. Досега, судот одржа 40 рочишта на кои се сослушуваа сведоци, се презентираа докази, обвинителите докажуваа вина а обвинетите дека немаат вина во предметот.

Јавноста со интерес ги следеше изјавите на секој поединечно, ги коментираше врските на пратеници со бизнисмени и разузнавачи, вмешаност на странски разузнавачки служби…Па сепак, се чини дека во случајот кој ја бранува политичката сцена од минатото лето, јавноста и правниците останаа покуси за одговор од истрагата каде заврши чантата „луј витон“ со милиони ипол евра, а како енигма остана и податокот што крие телефонот на Боки 13.

Адвокатот Звонко Давидовиќ за весникот ВЕЧЕР вели дека уште на самиот почеток на предметот, многу неверојатно беше тоа што во ваков судски процес кој ги потресе темелите на државата и буквално требаше да направи рестарт на државата имаше само тројца обвинети.

– Каде завршил куферот со пари, вештачења мобилни, кој пријавил што пријавил… се прашања не беа одговорени но ја занимаваа јавноста, а всушност многу побитно од сето тоа е што овој предмет покажа дека правосудниот систем не е кадарен да се справи со висока корупција и да казни луѓе вмешани во висок криминал и корупција а се блиски до власта, политичари, тајкуни  или други профили на личности. Уште еднаш се потврди дека судството и обвинителството има клиентелистички однос кон власта и точно знае до каде може да испорача без при тоа да и наштети на партијата. Ние немаме правен систем и вистински луѓе поставени на прави места. Свесни сме дека партијата на власт своите симпатизери ги штити и ги заташкува работите. И тоа не е од сега, од секогаш позицијата смета дека судството добро функционира за разлика од ставот што го имала кога била опозиција… и тоа така се менува како која партија е на власт, па еднаш имаме сваровски судство, друг пат кацарски судство, изјави за весникот ВЕЧЕР адвокатот Давидовиќ. Чии аргументи ќе пресудат на обвинетите или на обвинителството, на 18 овој месец ќе одлучи водечкиот судија на судискиот совет Весна Николовска-Масевска. (Е.А.)