Во мојата кариера имаше денови кога не знаев каде сум

58

Поранешниот женски светски тениски рекет број еден, Русинката Марија Шарапова, на Австралија опен го го игра својот 55.гран слем во кариерата. Таа во првото коло без загубен гем ја соблада 22-годишната Британка, Хериет Дарт со 6:0, 6:0. Шарапова моментно е на 30.место на ВТА листата, а последниот гран слем го освои пред пет години во Париз.

  • Играв овде во Мелбурн уште од јуниорските денови. Кога го примив првиот пехар за второ место, се надевав дека еден ден ќе го освојам и сениорскиот турнир. Одиграв овде многу големи мечеви. Некогаш победував, некогаш губев, но од сите нив научив многу – изјави Шарапова.

Русинката токму на овој турнир во 2016 година падна на допинг тестот, беше позитивна на супстанца која стана забранета неколку недели пред тоа и тој момент од Мелбурн и го смени животот и кариерата. Шарапова доби две годни суспензија која подоцна и беше намалена на 15 месеци. После тоа освен на тенисот, Шарапова им се посвети и на другите работи, стана активна во акциите за помош на жените и на децата и се уште е една од најомилените ликови во тенискиот свет.

  • Додека бев помлада мојот живот се сведуваше на хотели и тренинзи. Искрено, имаме и моменти кога воопшто не разликував еден град од друг, не знаев каде сум. Сега сум постара и поискусна и многу повеќе уживам бидејќи имам свои рутини на кои сум навикната. Многу повеќе време поминувам во градовите во кои играм, ја запознавам културата, и се восхитувам на архитектурата или на нешто трето. Така се исклучувам од самото натпреварување и лудницата што ја носат тие две недели на големите турнири – откри Русинката.

Во второто коло пласман обезбедија Слоун Стивенс, Анжелик Кербер како и Кики Бертенс. Во стартната рунда елиминирана е Јелена Остапенко која загуби од Марија Сакари во три сета. Во историјата на Австралија опен влезе мечот меѓу Кејти Батлер и Јекатерина Макарова кој е првиот решен по новото правило за тај-брејк кој се играше до 10 поени. Славеше Британката со 6-0, 4-6 и 7-6 (10-6).

За Рафаел Надал немаше апсолутно никакви потешкотии на стартот. Вториот тенисер во светот, рутински во три сета го победи Џејмс Дакворт со 6-4, 6-3 и 7-5. Во второто коло досега пласман обезбедија Андерсон, Циципас, Димитров, Де Минаур, Хачанов и Троицки, а најголемо изденадување е елиминацијата на Џон Иснер кој загуби од Рајли Опелка со 3-1.