Изминатите неколку години, па и деценија, фудбалскиот клуб Работнички стана најголемиот расадник на таленти во Македонија. Можеби е далеку зад Динамо Загреб (Хрватска), Црвена звезда (Србија), но кај нас, тој е единствениот клуб кој години наназад калеми деца и подоцна ги продава во далеку поквалитетни тимови. Најдобар пример за тоа е репрезентативецот Елиф Елмас кој во летото 2017 година реши „романтичарскиот“ дрес да го замени со оној на турскиот гигант Фенербахче, а по две години го облече и небесносиниот на Наполи.

Во услови какви што ги има македонското првенство, тоа можеби е идеална варијанта за секој фудбалер од оваа земја, а по истиот пат посакува да зачекори и голманот на Работнички, 23-годишниот Филип Лазаревски.

Младиот голман досега промени неколку клубови во домашното првенство, пред сè во пониските лиги, а како што и самиот вели, во овој клуб очекува да напредува за подоцна да дојде до некој посериозен трансфер. Тој за дневниот весник ВЕЧЕР откри како посакува да се развива неговата кариера, за кој клуб би сакал да заигра, односно што најмногу недостасува во оваа поинаква фудбалска ситуација предизвикана од коронавирусот.

Од каде произлезе желбата да бидете голман?

Голманската позиција сама ги бира жртвите, голман не се станува, голман се раѓа. Така беше и кај мене.

Која беше причината за потпис во екипата на Работнички?

Ова е голем клуб со богата традиција и го гледам како одлично место за понатамошен напредок во мојата кариера.

Дали со квалитетот на Првата лига може да се напредува во кариерата?

Реалноста вели дека фалат некои финеси што другите лиги ги имаат, но сметам дека ако некој фудбалер вложи доволно труд, време и макотрпна работа, може да се напредува.

Доколку пристигне идентична понуда од странство (иста плата), дали би потпишале за друг клуб?

Се зависи од стандардот на таа земја…

Евидентно е дека пандемијава на ковид-19 премногу влијаеше врз фудбалот, а вие како голман најдобро можете да ја илустрирате ситуацијата од теренот. Што најмногу недостасува?

Ковид-19 влијаеше на целокупниот нормален живот, не само на фудбалот. Здравјето е на прво место, ние сме професионалци и секогаш треба да ја извршиме нашата задача на највисоко можно ниво. Во Македонија во последните години и нема некоја публика, па затоа нам не ни менува дали играме со или без публика.

Кој е вашиот идол меѓу стативите?

Дефинитивно Икер Касиљас, пред сè поради тоа што е голем човек и ги поседува карактеристиките на еден успешен голман.

За кој клуб би потпишале без размислување?

Манчестер Јунајтед е во моето срце. Уште од најмала возраст навивам и го сакам тој клуб.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ